СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Зеленило пред „Педагошка“ и „Млечен“, нема отворање на градинките, 20 возрасни пациенити во Козле

Започна раззеленувањето на платото кај „Педагошка“ во урбаната заедница „Владо Тасевски“ во општина Карпош, информираат од Општина Карпош.

Овој јавен простор се уредува хортикултурно со 440 нови украсни растенија.

Дел од зеленилото ќе биде засадено и на платото на „Млечен“, а во оваа редовна акција на локалната самоуправа, се зголемува зелениот фонд во цел Карпош.

 

Најголемиот дел од растенијата се со апсорбирачко дејство на штетни честички и прашина, со што директно се влијае врз заштитата на животната средина.

 

Градинките нема да бидат отворени во скоро време

Во овој момент не е време да се отворат градинките, поради тоа што децата се големи трансмитери на вирусот кон членови на своите семејства, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, за време на посетата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.

Министерот истакна дека е тешко да се каже кога точно би се отвориле градинките поради порастот на бројот на заболени од Ковид-19.

Тој потенцира дека во моментот кога било одлучено да се прави скрининг на вработените во градинките, бројот на новозаболени на дневна основа бил помал.

 

Во болницата во Козле сместени 20 пациенти

„Дваесетина пациенти се хоспитализирани, вкупниот капацитет на болницата е шеесетина кревети со централен довод на кислород, што е многу важно за третманот на овие пациенти. Сакам да им честитам и на менаџерскиот тим, но и на лекарите и сестрите коишто за многу брзо време се престроија и навистина посветено и пожртвувано работат со овие пациенти. Ќе продолжи планирањето, практично секојдневно, но и средно и долгорочно на капацитетите за третман на овие пациенти. Во следниот период предвидени се и други капацитети. Засега нема зголемување на притисокот кон јавно-здравствените установи во однос на тоа што беше тренд минатата недела. Модуларната болница кај инфективната клиника е целосно испразнета. Во овој момент таму се поставува централен довод на кислород, капацитетот на клиниката не е целосно пополнет, има неколку слободни кревети, но со секојдневна координација и разговор се прави прераспределба по потреба согласно капацитетите и согласно кадарот којшто ротира во сите установи каде се третираат овие пациенти во болниците ширум државата освен во Битола каде што има неколку 4-5 слободни места, во другите инфективни одделенија капацитетите се практично полу празни“, потенцираше министерот Филипче.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.