СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Шилегов коментира на фејсбук за Универзална, фекална канализација во Илинден, зеленило во Карпош

Досега никој нема донесено каква било одлука за Универзална сала, објави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на „Фејсбук“.

 

 

Тој најави дека во 13 часот во салата на Советот на Град Скопје ќе се одржи брифинг со новинари за Универзална сала.

 

„На овој брифинг јавноста ќе биде запознаена со сите досегашни постапки кои се водени за Универзална сала, како и за идните постапки кои ќе ги спроведе градот, пред да биде донесена каква било одлука“, напиша Шилегов.

 

Изградба на фекална канализација и пречистителни станици во Општина Илинден

 

Во рамките на реализацијата на капиталниот проект Изградба на фекална канализација и пречистителни станици, во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, во Општина Илинден во тек е изградба на канализациски систем за прифаќање и третман на отпадни води во населено место Кадино во должина од 4.982 метри, со препумпни уреди.

 

Вкупната инвестиција за реализација на овој проект изнесува 23 милиони денари, од кои 14,5 милиони денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, а преостанатиот дел од буџетот на Општина Илинден.

 

Од општината информираат дека со канализацискиот систем ќе бидат опфатени 330 домаќинства од ова населено место, како и други јавни објекти со што значително ќе се подобри животната средина и квалитетот на живот.

 

Изградбата на овој систем што се наоѓа во најнискиот дел од Кадино каде што нема фекална канализација треба да биде завршен до крајот на оваа година. Заедно со веќе постоечкиот канализациски систем припадна површина 4, сега со фекална канализација ќе бидат опфатени над 660 домаќинства или, 80% од вкупното население од ова населено место.

 

ЗЕЛЕНИЛО И СОДРЖИНИ ЗА ДЕЦА ВО НОВИОТ HALKCORNER ВО КАРПОШ - „ЛЕПТОКАРИЈА“

 

Започнаа изведбените, теренски активности за реализација на зелениот корнер во ТЦ „Лептокарија“, во населбата Карпош 3. Од десната страна, на популарната „коцка“ ќе се добиат уреден дел, ново зеленило (хортикултурно уредување), систем за наводнување, клупи за седење, реквизити за деца и соодветна подлога, информираат од Општина Карпош.

 

Станува збор за еден од пофреквентните делови во Карпош, со што овој дел ќе добие додадена вредност и ќе има повеќе содржини за рекреација на сите генерации граѓани.

 

Денеска, во теренски увид на активностите беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и главниот извршен директор на „Халкбанк“, Билал Суџубаши.

 

Градоначалникот на Карпош напомена дека локалната самоуправа, изминатиов период сериозно вложуваше во нови системи за наводнување и засадување на тревни површини. Токму, во „Лептокарија“, во средишниот дел се постави автоматски систем за наводнување на зеленилото, со цел истото да биде подолготрајно.

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.