СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Повик за бесплатно чистење оџаци, заврши акцијата за плаќање вода на рати и без камата

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

 

До овој момент до Град Скопје се пристигнати 95 барања за субвенции за чистење оџак.

 

Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.

 

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

 

Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

 

Заврши акцијата на скопски водовод за наплата на долговите на рати без камата

 

ЈП Водовод и канализација – Скопје, од 17.06.2020 до 31.07.2020 спроведе уште една акција за наплата на долговите на рати без камата за физички и правни лица.

 

Во рамки на акцијата за наплата на долговите на рати без камата, која заврши на 31 јули, можноста ја искористија 551 корисник и се потпишаа исто толку договори. Вкупниот износ за кој се склучени договорите за исплата на рати без камата е 36,5 милиони денари.

 

ЈП Водовод и канализација – Скопје апелира до своите корисници редовно да ги подмируваат своите долгови и разумно и рационално да ја употребуваат водата, да бидат одговорни и да се однесуваат совесно во однос на заштитата на водоснабдителниот и канализацискиот систем.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.