43 нови пациенти хоспитализирани во Скопје во изминатите 24 часа

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека вкупно 443 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 21 прием, и тоа петмина пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клниката за неврологија, двајца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, четири пациенти на ОРЛ, исто толку и на Клиниката за нефрологија и тројца на Клиниката за очни болести. Во ковид-центарот во болницата 8 Септември имало 9 нови приеми на пациенти, а 13 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден“, се наведува во соопштението.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 39 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекува 21 пациент, на Клиниката за неврологија 30 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 43 пациенти со симтоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, на Клиниката за очни болести 13 пациенти, а на ОРЛ 22 болни.

Во 8 Септември има вкупно 104 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 151 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 34 пациенти, од кои 4 деца и 30 возрасни.

„Голем дел од пациентите во болниците во главниот град се на кислородна поддршка“, нагласуваат од ресорното министерство.

И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 50-тина слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во болницата „8 Септември“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.