Шилегов: Со реконструкција на Универзалната сала влегуваме во нова културна ера

Градоначалникот на Град Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов, денес изврши увид во градежните работи на реконструкцијата на објектот на Универзална сала каде што одржа прес-конференција за медиумите.

“Универзална сала e омилената културна институција на многу скопјани, исполнета со многу концерти, со многу емоции, со многу љубов, многу радост. За многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, местото каде што на Златно славејче се роди Градот убав, песната која низ годините стана неофицијална химна на нашето сакано Скопје. За мене тоа е главниот мотив за повторно отворање на нејзините врати за посетителите, за нашите скопјани, но и не само за нив туку и за целата земја, за регионот, за Европа и светот“, со овие зборови Шилегов ја започна денешната прес-конференција.

„Реконструкцијата на објектот на Универзална е во тек и веќе од следната година ќе се исправи пред нас во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкцијата на Универзална сала е изработен од архитектот Бујар Муча, а идејата Универзална да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, после отворената и опсежна дебата доби широка поддршка од јавноста“, нагласи Шилегов.

„Град Скопје игра сериозна улога во развојот на културата во нашиот град. Со конкретните чекори кои ги преземаме стануваме светол пример во регионот и пошироко. Универзална повторно ќе биде дом на скопската радост, а нашата поинаква приказна во културата останува и понатаму инспирација за создавање на нова уметност на задоволство на сите генерации. Универзална секогаш била во редот на најдоброто од Скопје, го имате мојот збор, Универзална ќе остане најдоброто за сите сегашни и идни генерации“, заклучи актуелниот градоначалник на крајот од денешната прес-конференција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.