Арсовска: Скопје ќе биде град на дигитални можности

Граѓаните во секое време ќе можат да проверат што се случува со нивното барање, а одговор ќе добиваат во рок од 24-72 часа. Административните услуги ќе бидат достапни електронски со едноставни постапки, без обврска за одење во општината. Чекањето во редици и трчањето од шалтер до шалтер ќе биде минато благодарение на дигитализацијата и новата едношалтерска услуга.

Во исто време за граѓаните кои не користат дигитални решенија ќе биде на располагање канцеларија отворена 24 часа во служба на граѓаните. Додека пак апликацијата ќе обезбеди и опции за пријавување дефекти во јавната инфраструктура, пријавување диви депонии или повикување општински служби и ќе биде поврзана со системот за дигитален мониторинг во сообраќајот овозможувајќи брзо детектирање на достапните места за паркирање“- истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција што ја одржа пред градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Таа најави дека со реализација на дел од проектите од програмата за модерно Скопје и со новата апликација на Град Скопје, градот ќе се трансформира во Град на дигитални можности, со целосна дигитализација на администрацијата за јавните услуги да бидат побрзи, поефикасни и потранспарентни.

Во исто време, најави реновирање, модернизација и реконструкција на градската библиотека, со подобрен пристап до интернет, поголема база на стручни списанија и подобрување на инвертарот. Уште кажа дека во исто време е предвидена и нова библиотека во Аеродром, опремена со најмодерна техничко-технолошка опрема, како и нови современи читални во повеќе скопски општини.

За новиот ИТ-центар во Аеродром, Арсовска кажа дека ќе им овозможи на повеќе од 1000 млади граѓани годишно да добијат пристап до стручни обуки во ИКТ секторот, а во рамките на надлежностите, Градот Скопје ќе ги поддржи малите и средните претпријатија во креирање дигитални решенија како што се е-трговија, развој на услуги за испорака базирани на апликации и други дигитални иновации.

„Како иден градоначалник на Скопје мојата цел е граѓаните да живеат во модерна, европска метропола, што ќе значи повисок квалитет на живот, модерна инфраструктура, одржливи решенија за сообраќајните проблеми и заштита на животната средина“ – заклучи Арсовска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.