На паркингот кај Клинички центар има 832 места, а издадени се 2.200 дозволи за паркирање

В.Д. директорот на ЈП Градски паркинг - Скопје, Бојан Христовски, беше во работна посета на Клиничкиот центар каде има долгогодишен проблем со метеж на паркинг просторот.

Според Христовски, проблемот е засилен поради пандемијата со Ковид-19.

Јавното паркиралиште „Клинички центар“ располага со 832 паркинг места, 5 паркинг места за лица со попреченост и 4 паркинг места резервирани за мајки со дете.

Во моментот се издадени околу 2.200 паркинг дозволи за категорија „вработен во правен субјект“.

„Имајќи предвид дека работното време на клиничкиот центар се одвива во три смени, вработените кои се стекнале со дозвола за паркирање не ги користат услугите во исто време. Бидејќи се работи за јавно паркиралиште, во склоп на Клинички центар, истото е наменето за потребите на пациентите кои користат здраствени услуги на клиниките, влезот на бројот на возила не е возможно да се регулира според капацитетот на паркиралиштето и заради тоа не може да се ограничи бројот за влез на возила како на другите јавни паркиралишта“, посочуваат од ЈП Градски паркинг - Скопје.

Од понеделник на влезот на парлиралиштето на „Клинички центар“ ќе бидат дополнително распоредени тројца вработени, кои во координација со постојните вработени ќе ги пренасочуваат граѓаните кои влегуваат на паркиралиштето за тоа каде и дали има слободни паркинг места.

„Апелираме до граѓаните, паркинг просторот да се користи доколку е навистина неопходно поради користење на услуги од Клиничкиот центар 'Мајка Тереза', а на располагање е и алтернативниот превоз преку автобуските линии. Во овие моменти на пандемија, претеран метеж на паркингот се создава дополнителни тешкотии и за здравствените работници“, се наведува во соопштението на јавното претпријатие.

Од таму апелираат да се користат паркоматите за плаќање, за да се избегне гужвата пред пунктовите за наплата.

Во периодот што следува ЈП Градски паркинг ќе постави и дополнителни патокази за известувања со цел подобра организација на паркинг просторот.

Ќе следува и иницијатива за средба со раководството на Клинички центар за заеднички да се изберат најдобрите решенија за паркингот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.