(Видео) Стоилковски: Ако во рок од 24 часа Демократскиот сојуз не одговори за бесплатниот паркинг на функционери на власта, ќе објавиме списоци

Oбјавуваме скандал што покажува зошто власта е одлепена од реалноста, но и зошто Демократскиот сојуз ѝ е верен партнер на власта на СДСМ - ДУИ.

Демократскиот сојуз како дел од колачот на власта, од СДСМ - ДУИ долгогодишно го имаше подарок ЈП „Градски паркинг“ во свое владение, а за возврат обезбедувале привилегии, повластувања за функционери на власта, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

 

„ЈП 'Градски паркинг' било претворено во своевиден штаб на Демократскиот сојуз, со тоа што службени возила, телефони и простории биле на дофат на партијата. Сето тоа наведува на сомнителни криминогени зделки. Директори, министри, функционери, разни раководни кадри со години паркирале бесплатно низ Скопје, користеле повластена позиција на сметка на граѓаните, а тоа им го овозможувале директорите на паркинзи од Демократскиот сојуз.

Обезбедувале повластувања за функционери на власта, бесплатен паркинг за нив. Секој во Скопје мора да плати паркинг, освен функционерите на СДСМ, на ДУИ, на Демократскиот сојуз, на членови на власта, ставени на посебни списоци со потпис на директорите од Демократски сојуз.

Јавно прашувам дали на име на Борче Јакимовски, доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг ослободувал автомобили на функционери на СДСМ, на ДУИ, како и на Демократскиот сојуз?

Дали на име на Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот сојуз, воедно помошник-директор на јавното претпријатие, од плаќања се ослободувани стотина автомобили на функционери од власта?

Дали и по кој основ од плаќање се ослободени возила, да речеме, на советникот и шеф на канцеларијата на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, на поранешниот директор на 'Водовод', Душко Вескоски, на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, па и на поранешниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин, како и на други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чие име стои името на Артан Груби?“, праша Стоилковски.

Тој нагласи дека остава простор од 24 часа за одговори од Демократскиот сојуз и од поранешното раководство на ЈП „Градски паркинг“. Доколку молчат, Стоилковски предупреди дека ќе ги објави списоците со сите регистарски таблички за привилегираните функционери, ослободени од плаќање паркинг во Скопје, а кои до нив ги доставил укажувач.

„ Огромен е бројот на ослободени од плаќања, а се работи за високи партиски избрани и именувани функционери. Да потсетам дека паркирањето беше поскапено, а за луксузите за бесплатен паркинг на функционерите на СДСМ, ДУИ и Демократскиот сојуз се погрижиле токму директорите на претпријатието на 'Градски паркинг'“, заклучи Стоилковски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.