Со стиховите од Рацин отворена јубилејната 20-та Литературна манифестација „Илинден“

Со свечено отворање во Домот на култура ,,Илинден,, синоќа по 20-ти пат почна Литературна манифестација ,,Илинден 2019,,.

 

Манифестацијата ќе трае до 18-ти мај, а граѓаните секојдневно ќе имаат можност да ги проследат културните настани кои се на овогодинешната програма на манифестацијата. Манифестацијата и Деновите на книгата во Општина Илинден ги отвори градоначалникот Жика Стојановски, кој искажа голема благодарност на сите оние што придонесоа Литературната манифестација ,,Илинден,, да биде еден од промоторите на современите културни достигнувања во нашата земја, но и надвор од неа.

 

- Самото постоење на оваа манифестација веќе 20 години ни дава потврда дека сме на вистинскиот пат во насока на промовирање на современите културни достигнувања и негување на културата и културните вредности преку приближување на пишаниот збор до што поголем број читатели. Задоволни сме што успеавме да изградиме мост меѓу домашните и писателите од странство при што размената на искуства е драгоцена за сите нас. Но, исто така, горди сме што токму Литертурната манифестација „Илинден“ беше место за многу млади автори да ја доживеат својата афирмација, истакна градоначалникот Стојановски.

 

Исто така Стојановски им искажа голема благодарност на сите оние што придонесоа Литературната манифестација „Илинден“ да го стекне реномето што денес го има.

 

По свеченото отворање на манифестацијата, по повод 80 годишнината од излегувањето, на десет словенски јазици беше промовирана стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин. Беседа за авторот и за ова вонсериско ремек дело одржа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а стихови од Рацин се читаа на македонски, хрватски, бугарски, чешки и руски јазик.

 

Свеченото отворање на 20-та Литературна манифестација „Илинден 2019“ беше збогатено со настап на Драган Мијалковски кој со неговите евергрини се погрижи за убавото расположение на присутните.

 

Во рамките на манифестацијата во Домот на култура ,,Илинден,, до 18-ти мај се одржува традиционалниот саем на книгата под мотото ,,Денови на книгата,, каде што посетителите можат да најдат богат избор на книги.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.