Карпош меѓу опоштините-лидери во урбана мобилност

Со денешното потпишување на посебен Протокол се формализира соработката меѓу Општина Карпош и Германската агенција за меѓународен развој (ГИЗ), која резултираше со проектите: поставувањето на првото „Соларно дрво“ и доделувањето на шест електрични тротинети.

 

Соработката ја официјализираа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на Регионалната канцеларија на ГИЗ, Давид Оберхубер.

 

– Соларното дрво кое овозможува граѓаните да ги полнат своите електрични тротинети и велосипеди, мобилни и лаптопи, е поставено во рамки на т.н. Зелена рута, која во себе вклучува и дополнителни два километри велосипедска патека и патека за ролерки, соопшти прес-службата на Општина Карпош.

 

Богоев напомена дека навиките на граѓаните, полека но сигурно се менуваат кон поддршка на ваквата мобилност и кон создавање на здрава животна средина, а Кејот на Вардар, како што рекол, за краток период ќе стане еден од најатрактивните делови на Скопје.

 

– При посетата на училиштата, на првиот училишен ден, видов дека голем број на ученици доаѓаат до училиште со своите електрични тротинети/велосипеди, и тоа ме радува. Со изведбата на Спортско – адреналинскиот парк трајно ќе се разубави зелениот појас покрај Вардар со содржини за спорт и рекреација на сите граѓани, со што ќе се спречи овој простор да пропаѓа и да прераснува во депонија, истакнал Богоев.

 

Оберхубер ја истакнал својата заложба за продолжување на соработката со Општина Карпош и преку други проекти, со цел и натаму да се креираат нови, иновативни решенија за одржлива урбана мобилност, додавајќи дека потребна е поголема промоција на овие позитивни примери, за да се привлече вниманието од сите чинители, да преземаат активности за заштита на животната средина.

 

По работната средба, Богоев и Оберхубер, придружувани од своите соработници, со електрични тротинети и велосипеди, се упатиле на завршната конференција на ЗЕЛС „Поддршка на локалните самоуправи на Северна Македонија во промоција на одржлива урбана мобилност“.

 

Градоначалникот на Карпош, присутните градоначалници и нивни претставници од другите општини потпишале и меморандум за поддршка на процесот за одржлива урбана мобилност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.