Богоев: Активности на Карпош на полето на заштита на животната средина

Пред претставници на голем број младински организации од Грција, Романија, Италија, Коста Рика, Словенија, Полска и Јужна Африка, Богоев говореше за клучните активности и политики кои Карпош ги презема на полето на заштита на животната средина.

 

„Запуштените јавни површини прераснуваат во уредени, зелени зони. Затоа создадовме нови маалски паркови во Тафталиџе 2, Криви Дол, Карпош 4. На местото на големиот парк, со децении се палеа огнови на отворено и се одлагаше отпад. Оваа грда слика ја менуваме! Со субвенциите за велосипеди се обидуваме да ги стимулираме граѓаните да користат алтернативни превозни средства, имајќи предвид дека автомобилите се меѓу главните извори на загадување. Исто така, од 2020 година предвидуваме субвенционирање на електрични тротинети“, рече Богоев.

 

Загадувањето ќе се намали и со подигнувањето на економскиот стандард. Затоа што сега имаме голем број на домаќинства кои се греат на нееколошки начин и придонесуваат кон целосното загадување. За решавање на овој проблем, во тек е мерката за субвенционирање на инвертер клима уреди, посочи градоначалникот.

 

На панел дискусијата се обратија и Блаже Јосифовски, од „Ајде Македонија“ и Михаил Стевчев, од „Treebanks“. Тие се осврнаа и на потребата од поголема јавна свест и грижа на сите чинители за заштита на животната средина.

 

Во интерактивниот дел од конференцијата, Богоев зборуваше за начинот на селекција на отпадот во нашата околина, поделеноста на надлежностите со Градот Скопје и јавните претпријатија, како и чистењето на децениските депонии долж Кејот на Вардар.

 

Новите контејнери за селекција на отпадот поставени од Градот Скопје, ќе помогнат во градењето на поефикасен систем за рециклирање, но треба и ние да се менуваме и да го селектираме отпадот уште во нашите домаќинства, истакна градоначалникот.

 

На конференцијата се споделуваа позитивни практики од различни области, со цел говорниците и сите учесници да можат да преземат дел од истите во нивниот домен на работа. Исто така, ќе бидат подготвени и препораки со активности за решавање на различните видови проблеми, кои беа акцентирани на оваа четиридневна конференција, која се одржа во мала сала на Универзална сала во Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.