Општина Карпош: Во Трнодол свесно се креираат кризи од политички и други побуди

Деновиве се пласираат лажни информации за работи за кои веќе е постигната согласност и локалната власт и граѓаните се на иста страна, велат од општина Карпош по најновите бранувања во врска со Трнодол, каде дел од жителите излегоа со тврдење дека Деталниот урбанистички план (ДУП) отвора можност за градежна инвазија и градење населба која навлегува во заштитеното подрачје на Парк-шумата Водно.

 

„Се измислуваат работи кои воопшто не постојат во предлог ДУП-от. Имено, не се предвидува ниту нова населба, ниту пак предлог ДУП-от се однесува за населеното место Жданец. Исто така, со новиот Генерален урбанистички план целосно ќе биде избришана и јужната обиколница која треба да минува низ Водно, а често пати се споменуваше и во постапката на донесување на ДУП-от за Трнодол“, се наедува во соопштението на општинските власти.

 

Од таму потсетуваат дека сите забелешки во врска со предлог ДУП-от граѓаните можат да ги поднесуваат во рамки на Јавната анкета, која трае од 13. декември до 27. декември годинава, од 08:00 часот до 18:00 часот, во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“ .

 

„Како што информиравме и претходно, постигната е согласност за сите суштински работи од предлог ДУП-от и за посоченото, претставниците на граѓаните се потпишаа на Записникот од средбата со Богоев“, посочуваат од општина Карпош и апелираат да не се создаваат кризи од политички и други побуди, за работи, за кои како што велат, општината и граѓаните се на иста страна.

 

Посочуваат дека денеска од 15:30 часот ќе се одржи и Јавна презентација во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“ и додаваат дека до нив веќе пристигнале информации дека истата ќе се блокира.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.