Акцијата за предавање на печки во замена за субвенции за инвертери во Карпош ќе трае до недела (ВИДЕО)

Пунктот во Рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош, каде што граѓаните коишто аплицирале за субвенции за инвертери и ги исполнуваат условите ги предаваат своите печки, денеска го посетија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Владата, Зоран Заев и директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Како што појасни Шилегов, граѓаните ги оставаат своите печки, коишто потоа завршуваат на „Дрисла“, ја земаат потврдата и добиваат субвенции во износ до 62.000 денари.

„Градот доби средства за замена на некаде околу 5.300 печки, 4.080 апликации веќе имаме добиено, во наредната недела ќе го продолжиме аплицирањето на граѓаните и во текот на оваа зима ќе имаме некаде околу 5.000 оџаци помалку во скопската котлина“, изјави Шилегов.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, ги повика граѓаните да се вклучат во овој проект и да обезбедат почисто, поевтино и поеколошко греење за себе и за своите семејства, а со тоа да инвестираат во зачувување на чистиот воздух.

„Сите кои имаат дилема околу потрошувачката на електрична енергија сакам да ги информирам дека инвертерите трошат малку струја, а во секој случај, по сите пресметки, штетата за околината од производството на струјата потребна за греење на домовите преку инвертери, е далеку помала од штетата која настанува од греењето на тие домови со печки на дрва или јаглен“, нагласи Ковачевски.

Премиерот Зоран Заев потенцираше дека оваа акција е дел од стратешките приоритети коишто минатата година си ги постави Владата.

„Јас сакам да се заблагодарам на АД ЕСМ за обезбедените 10 милиони евра за реализација на оваа акција за замена на нееколошките грејни тела со висококвалитетни инвертери, како и на Град Скопје и на градските јавни претпријатија што ја реализираат оваа замена, но секако и на граѓаните на Скопје. Како Влада ќе продолжиме да преземаме мерки за да обезбедиме здрава животна средина за нас и нашите деца“,  изјави Заев.

Согласно со условите, на овој јавен повик поради состојбата со коронавирусот, онлајн можеа да аплицираат сите жители (домаќинства) на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе го инсталираат уредот. Новитет оваа година е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.

Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.

Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедни од Владата на Република Северна Македонија.

Доделувањето на субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата е дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акцискиот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.

Акцијата во општина Карпош ќе трае од 10 до 16 часот, а ќе продолжи и утре и во недела.

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.