Карпош донираше за жртвите од семејно насилство
- Детали
- Категорија: Карпош
- Создадено: 06 Декември 2020
Општина Карпош на шелтер центарот кој се наоѓа на нејзина територија во Карпош 2, му донираше три пакети топла облека, 50 заштитни маски, 50 пара заштитни ракавици, како и 10 шишиња средства за дезинфекција наменети за згрижените семејства жртви на семејно насилство.
Донацијата беше најавена уште на почетокот на „портокаловата кампања“ против родово базирано насилство, која се одвива на глобално ниво и која трае во периодот од 25 ноември до 10 декември под слоганите #КажиНЕ и „Не си сама“, а деновиве е и конкретно реализирана.
Според податоците на локално ниво, во периодот на пандемијата од коронавирусот, во шелтер центарот кој е сместен на територијата на Карпош евидентиран е пораст на пријави за семејно насилство за 18 насто, а за 12 насто има повеќе згрижување на жени, жртви на семејно насилство.
Конкретно во единаесетте изминати месеци, односно во т.н. „ковид периодот“ во овој шелтер центар беа згрижени вкупно 32 жени и 15 деца, кои биле физички малтретирани од нивните брачни партнери.
Жените и децата жртви на насилство во овој шелтер центар добија целосна правна и психосоцијална помош, од Здржението на Млади правници, Црвениот крст и Центарот за социјални работи, како и психолошко, кризно советување, медицинска помош од матичен лекар и од специјалисти.
Токму поради ваквите трендови, локалната самоуправа ја засили поддршката која во континуитет му ја дава на овој шелтер центар, со намера да се ублажат последиците од ваквиот црн биланс на семејно насилство што се зголеми во периодот на кризата. Со ова Општина Карпош сака во поголема мерка да ја сензибилизира севкупната јавност во борбата и препознавањето на знаците на семејно насилство.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс