Нов зелен сквер за граѓаните од Карпош 2

На аголот помеѓу булеварот Илинден и улицата Никола Тесла, до гимназијата „Орце Николов“, редизајнирана е зелената површина и целосно е уреден првиот сквер во согласност со потребите на граѓаните за одмор, релаксација и дружење.

Целиот простор е облагороден со разни видови листопадни и зимзелени садници. Во едниот дел од скверот е оформено детско катче со разни реквизити за игра, а во другиот дел се формирани патеки, поставени се клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и ново осветление.

Покрај редизајнот на зелената површина на оваа локација, годинава во тек е редизајн на уште 3 од овие локации, една кај Поликлиниката „Идадија“ во општина Центар и две на булеварот Јане Сандански во Аеродром.

„Денеска сме на првата од 7-те локации што ги реализиравме заедно со УНДП за уредување микросредини, процес што е инклузивен, процес во кој се вклучени сите структури на граѓани што гравитираат кон јавниот простор што го уредивме. Овде имавме релативно запуштен тревник, а сега можете да видите дека е адаптиран и е едно пристојно место, каде што имаме повеќе од 36 нови садници од шест вида. Во процесот на уредување беа вклучени и локалните жители, станува збор за население со претежно мали дечиња, меѓутоа беа вклучени сите возрасни групи во анкетите и овој простор е всушност адаптиран преку 'Скопје лаб' и УНДП на потребите и желбите на граѓаните“, рече Шилегов.

Инклузивноста во овој процес подразбира директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации одделно. Вклучени беа разни возрасни групи граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи - онлајн-прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните што живеат на локациите, гравитираат или поминуваат тука.

Дополнително, мапирани се дневните и ноќните активности и програмата, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макрооколина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст. Како резултат од процесот „Скопје лаб“ изработи 7 концепт-дизајни за 7 локации, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Град Скопје и од општините.

На промоцијата на новиот зелен сквер во Карпош 2 присуствуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.