Изабела Новотни и Владимир Лазовски, актери на Театарот за деца и младинци, прославуваат 30-годишен јубилеј

На 1 февруари, 2023 (среда), со претставата „Зрното грашок и принцезата“, актерскиот тандем Изабела Новотни и Владимир Лазовски, ќе го одбележат тридеценискиот јубилеј од нивната плодна кариера како првовработени актери во ансамблот на НУ Театар за деца и младинци – Скопје (ТМД).

„Пред три децении кога се вработив, не бев свесна за авантурата во која се впуштам. Ентузијазмот што го имав тогаш сè уште ме држи и верувам дека ја оправдаме довербата како првовработени актери да креираме и создаваме квалитетни претстави во првиот и единствен државен театар за деца и младинци на македонски јазик, вели Изабела Новотни.

„Прекрасно е чувството да бидете дел од создавањето темели на едно сега веќе големо функционално семејство, кое неуморно соништата ги создава низ театарските претстави преку кои израснале многубројни генерации“, вели Владимир Лазовски.

Театарот за деца и младинци, со одлука на владата во 1990 година, е формиран како национална институција и во првите години од формирањето претставите биле играни на разни сцени во Скопје и земјата, но без официјално вработени актери.

Пред театарот да го формира својот уметнички ансамбл, во него, заедно со тогашниот директор Љ. Чадиковски, вработени како административни соработници и веќе имаат навршени 30 години во ТДМ, беа Виолета Димовска, која сè уште го дава својот придонес во ТДМ, и нешто подоцна Софија Георгиевска, која веќе е во пензија.

Во 1993 година, со претставата „Зрното грашок и принцезата“, од Атанaс Илков, а во режија на Срѓан Јанаќиевиќ, во која играат Владимир Лазовски и Изабела Новотни, се означува и формално создавањето уметнички ансамбл на театарот со вработени актери, како и вработување технички соработници. Премиерната изведба на претставата била изведена во Детската градинка „13 ноември“ во Скопје, а поради нејзината мобилност и камерен стил, таа многу бргу учествува на многубројни фестивали во Албанија, Бугарија, СР Југославија, Италија, Турција и освојува многубројни награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат: наградата за претстава во целина на фестивалот „Буроборак“ во Смолен, Бугаријан 1994 година, наградата за естетско обликување на претставата на фестивалот во Суботица, 1995 година и други.

Заедно со вработувањето на првите актери, театарот ги бележи и вработувањата на Љубица Велкова, кројач што остава силни белези при реализација на сите раскошни костими за разните претстави во театарот, а исто толку години поминати во ТДМ оваа година ќе бележи и Ангеле Насковски, тон-мајстор.

На 6 февруари 1998 година Театарот за деца и младинци, конечно, добива свој дом. Поранешниот воен ресторан „Вардар“ станува адаптиран сценски простор од привремен карактер. Овој објект сè уште како привремено адаптиран театар е единствениот дом во кој вработените неуморно креираат и создаваат успешни претстави наменети за деца и младинци, и тоа цели 33 години и веруваат во сонот што трае.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.