Љутков им посака успешна работа на членовите на комисиите кои ќе ги оценуваат апликациите на годишните конкурси

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ги поздрави членовите на комисиите за оценување на пријавите пристигнати на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата и на нацрт-годишните програми за работа на националните установи од областа на културата, пожелувајќи им успешна работа во креирањето на националната програма за култура за 2025 година.

 

На Годишните конкурси, кои завршија вчера, пристигнаа околу 2 илјади и 900 пријави кои ќе бидат оценувани од комисиите што годинава се формирани во согласност со препораките од Државниот завод за ревизија. Во таа насока, Министерството за култура и туризам за првпат изготви Упатство за критериумите за именување на членовите на комисиите во кое е јасно утврдено дека за членови на комисиите може да бидат именувани лица кои имаат најмалку 10 години професионално искуство, потоа лица кои имаат реализирано, организирано или продуцирано најмалку 5 проекти од соодветната дејност во која ќе вршат евалуација на проектите, лица кои имаат стекнато стручно звање во согласност со прописите за заштита на културното наследство итн.

 

Членови на комисиите за секоја дејност одделно се следниве: за музичка дејност: проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, м-р Весна Малјановска и Сарана Адеми; за ликовна дејност: редовен проф. Антони Мазневски, професор во пензија, академски скулптор Томе Аџиевски и Исмаил Мислими; за драмска дејност се актерите: Крсте Јовановски, Рубенс Муратовски и Вулнет Кучи; за издавачка дејност: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, д-р Марина Мијаковска и м-р Флорентина Фетахи; за фолклор: Филип Арилон, Мирко Стефановски и Емин Гаџа; за музејска дејност: проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. Мустафа Куртиши; за заштита: проф. д-р Драги Митревски, проф. д-р Марјан Јованов и Ерон Белули; за библиотечна дејност: проф. д-р Солзица Поповска, д-р Иван Заров и проф. д-р Шенер Билали.

 

Министерот Љутков, поздравувајќи ги членовите на комисиите, им пожела успешна работа на Годишните конкурси и изрази уверување дека на крајот ќе добиеме програма која ќе донесе нов и повисок квалитет на културните содржини во државава. Тој истакна дека годинава, Министерството изготви и Упатство за утврдување на видовите на проектите, условите за учество, мерилата и критериумите за оцена на проектите во кое јасно и прецизно се утврдени видовите на проектите што ќе бидат поддржани, како и приоритетите за 2025 година, што ќе придонese за квалитативно оценување на проектите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.