Македонски ден на Саемот на книгата во Франкфурт
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 13 Октомври 2018
Во рамките на својата посета на Саемот на книгата во Франкфурт по повод националното претставување на Република Македонија на оваа манифестација, министерот за култура, Асаф Адеми, денеска оствари средба и со директорот на Саемот на книгата во Лајпциг Оливер Зиле.
Како што соопшти Министерството за култура, на средбата Адеми истакна дека претставувањето на авторите од Република Македонија и на нивното творештво на саемите на книгата во светот е приоритет во културната политика на ова Министерство. Во таа насока, потенцираше дека секоја година како држава настојуваме да бидеме присутни на веќе етаблираните саеми на книгата во регионот, но и пошироко, на најзначајните манифестации од овој тип во меѓународни рамки.
- Република Македонија веќе неколку пати се има претставено на Саемот на книгата во Лајпциг и во ова претставување препознаваме одлична можност за промоција и афирмација на авторите од Република Македонија на меѓународниот пазар, забележа министерот Адеми, кој го информираше својот соговорник и за напорите за олеснување на пробивот на авторите од Република Македонија на меѓународниот пазар преку Конкурсот за странски издавачи кој го спроведува Министерството.
На средбата, се посочува, беше споделен заедничкиот интерес за претставување на Република Македонија во Лајпциг каде, веќе следната година, нашата држава би можела да биде присутна со концепција за претставување автори кои би предизвикале најголемо внимание на саемот, според актуелните тенденции.
Попладнево министерот Адеми присуствуваше и на настанот со кој се одбележа и се заокружи претставувањето на Република Македонија на Саемот на книгата во Франкфурт.
До крајот на годината, авторите од Република Македонија и нивното творештво ќе бидат претставени и на саемот на книгата во Тирана, како и на саемот во Пула, каде Република Македонија ќе биде земја во фокусот, стои во соопштението од Министерството за култура.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс