„Сонот на облачето“ од 17 до 19 декември во МКЦ

Детскиот фестивал на театар на сенки “Сонот на облачето” годинава ќе го доживее своето 6-то издание во периодот од 17-ти до 19-ти декември на Сцената Фросина во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје.

 

На првата фестивалска вечер, на 17-ти декември, со почеток од 19:30 часот, пред аудиториумот ќе се претстави Anna Fabulli од Германија, која што ќе го отвори овогодинешниот фестивал со претставата „Кралот Жаба и други љубовни приказни.“

 

Во продолжение на фестивалското издание, на 18-ти декември, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи премиера на претставата „Алиса и чудата“ во изведба на Teатарот „Сенки и облаци“ од Македонија. Последната фестивалска вечер ќе ја одбележат три настани.

 

Со почеток од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан 5-минутниот анимиран филм „НОДВА“, кој е инспириран од бегалските приказни. Веднаш по него, студиото „Абстракт“ од Македонија ќе ја изведе танцовата претстава „Снежана и седумте џуџиња“. Овогодинешното издание на фестивалот „Сонот на облачето“ ќе биде затворен со изведбата на претставата „Птици“ на германката Marie Donath.

 

Во текот на фестивалот ќе бидат одржани две работилници за изработка на кукли за театар на сенки, додека во фоајето на Сцена Фросина ќе биде поставена изложба на рачно изработени лампи. Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, кој со поддршка од Министерството за култура на Р.М., Градот Скопје и Младинскиот културен центар ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.

 

Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, фестивалот “Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика, велат организаторите.

 

Билетите се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.