Промоција на издавачката дејност на „Остен“

Во рамки на одбележувањето 50 години Светска галерија на карикатури, галеријата „Остен“ денеска промовираше публикации од својата издавачка дејност, а како дел од видеопродукцијата прикажа и документарен филм снимен по повод јубилејот.

 

Наскоро ќе биде отпечатен каталог – публикација за „Остен биенале на цртеж ’Скопје 2018’“ – манифестација на која аплицирале речиси 700 уметници од 60-ина земји со повеќе од 2 300 дела. Во публикацијата се претставени исклучителните уметнички достигнувања на добитниците на главните награди на ова биенале – Пјер Сулаж, добитник на Гран-при за животно остварување, и Хенри Мур, кому му е доделена наградата „Светско културно наследство“.

 

Меѓу изданијата на „Остен“ е и брошура од минатогодишниот проект „Доза сатира за здрава демократија“ наменет за средношколци и организиран со поддршка на Амбасадата на САД, како и монографија за словенечкиот карикатурист Јоже Циуха. На четворица наградувани автори на „Остен“ – Владимир Бороевиќ, Лазо Плавевски, Драган Поповски и Мице Јанкуловски, им беа врачени графички мапи кои се дел од издавачкиот проект по повод 70 години од основањето на „Остен“ во 1946 година.

 

Карикатуристот Драган Поповски, кој минатата година работеше со средношколците на креативните работилници од проектот „Доза сатира за здрава демократија“, рече дека карикатурата е загрозена со згаснувањето на весниците и испливувањето на некои други „вредности“. Затоа, рече тој,  мораше да се поттикнуваат младите зашто карикатурата е важна за развој на едно општество.

 

– Карикатурата е мал квадрат со згусната мисла што заменува редови текст и има порака која со блиц ефект доаѓа до публиката. Таа е повеќе од смешка, може да биде згрозувачка и гротескна,  со цел да се искритикуваат штетни појави, особено кога луѓе на високи позиции, покрај со моќта, владеат и со глупавост. За човекот да битисува како човек, мора да се зачува слободата и слободната мисла. Конески и Малески, основачите на „Остен“, го знаеле значењето на критичката мисла за развојот на  едно општество, рече Поповски на промоцијата.

 

За монографијата за сликите, цртежите и графиките на словенечкиот карикатурист Јоже Циуха во колекцијата на „Остен“ говреше амбасадорот на Словенија Милан Јазбец, кој е автор на предговорот на изданието. Се заблагодари за објавувањето на посебната публикација за творештвото на Циуха, негов пријател, кој во 90 години живот имал повеќе од 500 самостојни изложби. Рече дека бил поврзан со Франција и со Македонија. – Циуха беше симбол на коспомополитска креација и природна е таа синергија меѓу неговото творештво и галеријата „Остен“, истакна Јазбец.

 

Корнелија Конеска од „Остен“ рече дека овој бренд повеќе од 70 години е репер за квалитет, за што потврдуваат и голем број меѓународни награди. – Од град со скромна традиција во карикатурата, Скопје од 1969 годна прерасна во град Мека каде што се создава квалитетот на светската карикатура. Оттогаш манифестацијата е медиум за слободно изразување на високи визуелни достигнувања во областа на карикатурата, сатиричниот цртеж и стрипот, а потоа е надградена со две меѓународни манифестации – Биеналето на цртеж и Биеналето на наградени автори, со што стана исклучително ценет и релевантен меѓународен фактор во областа на уметноста. Активностите на „Остен“ се основа за музејот на цртеж, кој е единствен од ваков вид  во светот, со колекција од повеќе од 13.000 дела, рече Конеска.

 

Во пресрет на полувековниот јубилеј од Светската галерија на карикатури (1969-2019), „Остен“ организираше повеќе активности, а  централниот настан беше на 22 ноември во Чифте амам со изложба на селектирани автори на „Остен – Биенале на цртеж ’Скопје 2018’“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.