Документарниот „Медена земја“ најдобар филм на фестивал во Тел Авив

Документарниот „Медена земја“ доби награда за најдобар филм (Best International Film Award) на фестивал во Тел Авив  (21. DOCAVIV – The Tel Aviv International Documentary Film Festival).  Наградата им беше врачена вчера на двајцата режисери, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, на наградна церемонија во Тел Авив.

 

Стручното жири едногласно одлучи да го награди филмот и во образложението ја истакнува неверојатната наративност и кинематографија со која се прикажува една заедница која живее на маргините на општеството, што прераснува во фасцинантен портрет на една извонредна жена.

 

-Жирито беше поттикнато од интимната медитација за кршливоста на човековото постоење во неговата длабока поврзаност со природата. Од животот на главниот лик во филмот, Хатиџе Муратова, која е веројатно последната пчеларка во Европа што сè уште го извлекува медот од природни колонии и се труди да не го наруши природниот баланс со човечката ненаситност, бидејќи ако еден го скрши правилото сите ја плаќаат цената, умешноста на фимската екипа успева на визуелно раскошен начин да ја покаже нејзината магична виталност и бескраен отимизам во секојдневните борби со предизвиците кои произлегуваат од „надворешниот” свет, соопшти Агенцијата за филм.

 

„Медена земја“ има освоено повеќе награди од премиерата во јануари годинава, кога на престижниот фестивал „Санденс“ триумфираше со три награди.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.