„Врба“ на Манчевски - прв македонски филм на реномираниот Филмски фестивал во Рим

Светската премиера на најновиот игран филм на Милчо Манчевски „Врба“ ќе биде на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим.

 

„Врба“ ќе биде прв македонски филм што ќе учествува во официјалната селекција на овој фестивал кој е најмладиот фестивал меѓу најелитнитефестивали во светот, каде светски премиери досега имале многу оскаровци.

 

„Врба“ е во официјална селекција меѓу 30-тина филмови, заедно со новиот филм на Мартин Скорсезе „Ајришмен“, како и  „Мадерлес Бруклин“ на Едвард Нортон.

 

Филмот ќе биде прикажан и во нашата држава, но сè уште нема датум за македонската премиера.

 

Ова е прв филм на Манчевски кој е сниман во нашата земја по пауза од 10 години. „Убаво е чувството повторно да се режира тука, убаво е да не си во егзил. Јас сакам да работам во Македонија дури и кога морам главната поддршка и финансиери да ги организирам во светот, а потоа да го донесам проектот тука, како што беше со 'Пред дождот' и 'Прашина'. Во овој случај првпат имав организациска поддршка од продукцијата и од Агенцијата како што никогаш не сум имал досега. По многу години искуство, имав инфраструктура во која можеш комотно да работиш, тоа е исто толку убаво колку и задоволството од завршениот филм“, рече Манчевски.

 

Зборувајќи за приказната на филмот, тој рече дека овој пат таа има среќен крај.

 

„Врба“ е во продукција на „Банана-филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Снимањето траеше два месеца, од октомври до ноември, минатата година. „Врба“ е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи.

 

Во актерската екипа се: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ, Наталија Теодосиева и Никола Ристески. Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.