Климатските промени разгореа дискусија меѓу младите на „Џифони Македонија“

Горливата тема на аерозагадувањето и на климатските промени вчера предизвика дискусија помеѓу младите учесници на „Џифони Македонија“, во која ги водеа претставнички на здружението „Еко свест“.

 

Добро информирани, но признаа дека им недостасува повеќе знаење на темата да стекнат на училиште.

 

Елена Николовска и Ана Чоловиќ-Нешоска од „Еко свест“ им порачаа на младите: ,,Политичарите многу сакаат да зборуваат и никогаш не се движат со темпото кое ние го сакаме. Вклучете се во движења, групи, здруженија и бидете гласни и ќе ги поттикнат политичарите и да не седите со скрстени раце!“

 

На начин прилагоден за нивната возраст, а и со квиз, од „Еко свест“ ги образуваа младите што е најважно да знаат за оваа тема. ,,97 проценти од климатските научници веруваат дека климатските промени се предизвикани од човечки фактор и луѓето многу често не веруваат во тоа. Но, не е ни важно дали верувате или не. Најважното е дека постојатклиматски промени и дека мора нешто да направиме да ги спречиме и да ги ублажиме“, рече Николовска.

 

Гимназијалка од Скопје сподели дека заедно со малкумина во своето училиште се обидуваат да влијаат на еко-свеста.

 

,,Во нашето училиште формиравме клуб насочен кон овие прашања, но главен проблем ни е што не знаеме како да ги придобиеме младите да ни се придружат и многу е мал бројот на нашите соработници кои сакаат да придонесат. Треба повеќе да учиме на училиште за ова. Најмногу што не учат е за озонската дупка, а не и за климатските промени“, вели таа.

 

Бендот „Дупер“ вчера беше вистинска ѕвезда на третиот ден на „Џифони Македонија“. Младите им ги пееја песните, имаа еден куп прашања да им постават, а и се сликаа со нив. Борис Какуринов, гитара и клавијатура и Илчо Нечовски, вокал и бас гитара, искрено одговараа на сите прашања, доловувајќи ја својата приказна. Признаа дека не им треба нов член во бендот, иако дека добар женски вокал е добредојден за соработка.

 

,,Завршивме во гимназијата „Орце“, каде на часовите по музичко многу често свиревме двајцата. Со тек на време, си рековме дека треба да направиме наша музика и да не бидеме како оние кои само зборуваат дека немаме музичка сцена. Решивме да го извадиме најдоброто од нас. Ние имаме другарство и однос меѓу себе што е редок и треба да се чува“, вели Борис.

 

На прашањето дали повторно би работеле со продукциска куќа, откако не соработуваат со „Авалон“, двајцата споделија дека „денес можете се да постигнете сами“.

 

Илчо сподели дека се среќни што многу луѓе им ја слушаат музиката, на некои дури и им се допаѓаат, а некои и ги пеат. ,,Уживаме во сопствената музика и како луѓето реагираат. Нема да пееме на англиски јазик. Ние двајцата сме Македонци и ми е чудно да пееме на англиски. Не сум чул Американци да пеат на друг јазик. В година излегува нов албум и ќе се вика „Хипер“, вели Нечовски.

 

На прашањето дали знаеле однапред дека „Не сум твој тип“ ќе биде хит, одговорија:

 

,,Не можете да замислите и однапред да знаете кои песни ќе ви бидат хит. Имавме две песни што мислевме дека ќе бидат хит, а не ги ни снимивме. Цело време експериментираме со жанровите. Сакаме да правиме рап, ќе правиме и метал, а веќе имаме и една транс-песна“.

 

На прашањето дали би учествувале на „Евровизија“, рекоа категорично: „Нема шанси!“

 

Тој сподели со публиката дека музика која многу го смирува е класичната, посебно чешките композитори. ,,Како мал одев на музичко и слушав класика и ми остана таа музика, посебно чешките композитори. Омилена композиција ми е „В’лтава“ од Беджих Сметана“. На прашањето дали имаат идоли, тој одговори дека тоа се неговите родители.

 

Младите кадети и сениори вчера ги запознаа и авторите на филмот „Јас не сум Игор“. Тие покажаа голем интерес и одлично го примија филмот што го промовираа режисерот Сергеј Ѓеоргиев и актерот Стефан Спасов.

 

На меѓународната вечер џифонци од 10 земји се претставија во најдобро светло, со специјалитети од нивните земји, а забавата за младите продолжи со диџеј Џани Мирабело од Италија. Патувачката училница Una vita da social – Живот на социјалните мрежи деновиве предизвикува големо внимание кај младите и наставниците од повеќе општини во Скопје. Денес училницата ќе се најде пред А1 Арената „Борис Трајковски“, а експерти од италијанската полиција на младите ќе им доловат како е најдобро да се заштитат од измами на социјалните мрежи.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.