Објавени добитниците на традиционалните книжевни награди на Друштвото на писатели на Македонија

Во текот на декември 2019 година беше распишан Конкурсот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобри книжевни остварувања во годината што измина. Од пристигнатите 57 наслови стручните жирија во првата фаза одбраа наслови што влегоа во потесен избор, а потоа по пат на гласање ги селектираа добитниците на наградите.

 

Во потесен избор за наградата за проза „Стале Попов“ влегоа насловите: „Правта на библиотеките“ од Митко Маџунков, „Цариградски емигрант“ од Луан Старова, „Кога заминав од Карл Либкнехт“ од Лидија Димковска , „А’бт“ од Оливера Ќорвезироска и „Чувар на тајни“ од Јован Стрезовски. Жири-комисијата во состав: Јован Дамјановски (претседател), Томислав Османли (член) и Ермис Лафазановски (член) едногласно одлучи наградата да се додели на Јован Стрезовски за збирката куси раскази „Чувар на тајни“.

 

Селектирани кандидати за наградата за поезија „Ацо Шопов“ беа стихозбирките: „Импровизирани часови“ од Давор Стојановски, „Јужни реки“ од Панде Манојлов и „Мои страсти, мои страданија“ од Катица Ќулавкова. Комисијата во состав: Паскал Гилевски (претседател), Михаил Ренџов (член) и Иван Антоновски (член) со мнозинство гласови одлучи наградата да биде доделена на Панде Манојлов за стихозбирката „Јужни реки“.

 

Кандидати за наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади беа книгите: „Дур дишам се надевам“ од Владимир Мартиновски, „Ѕвезда Мрак и суштествата од Мракоград“ од Билјана Црвенковска, „Кој се фали ќе зажали“ од Кузман Кузмановски и „Мали детски разговори“ од Зоран Пејковски. Комисијата во состав: Љерка Тот Наумова (претседател), Панде Манојлов (член) и Горјан Петревски (член) одлучи наградата да му биде доделена на Зоран Пејковски за пиесата за деца „Мали детски разговори“.

 

Во кругот на кандидати за наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеј се вклучија повеќе значајни остварувања, и тоа: „Клуч во клучалката на детството“ од Весна Мојсова-Чепишевска, „Творецот и сотворецот“ од Марија Гиревска, „Окружението на Конески“ од Димитар Пандев, „Слова и согледби за Блаже Конески“ од Димитар Пандев, „Достоевски и Мекдоналдс (книжевни и културолошки студии)“ од Венко Андоновски, „Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам“ од Катица Ќулавкова и „Поезијата и возвишеното: возвишеното во македонската современа поезија“ од Иван Џепароски.  Комисијата во состав: Данило Коцевски (претседател), Јасмина Мојсиева-Гушева (член) и Ангелина Бановиќ-Марковска (член) едногласно донесе одлука наградата да ѝ биде доделена на Катица Ќулавкова за книгата „Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам“.

 

Комисијата во состав Ресул Шабани (претседател), Олга Панкина (член) и Јусуф Едип (член) за наградата „Книжевен мост“ за книга објавена на некој од јазиците на националностите, едногласно одлучи оваа година наградата да не биде доделена, со образложение дека пристигнатите книги во оваа категорија не ги исполнуваат жанровските и естетските критериуми.

 

Наградите ќе бидат доделени на свеченоста што ќе се организира на Денот на ДПМ, 13 февруари, со почеток во 12 часот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.