Култниот режисер Желимир Жилник доаѓа во Скопје

Во понеделник, 10 февруари, во Музејот на Современата Уметност – Скопје ќе бидат прикажани два филма на култниот режисер Желимир Жилник,краткиот филм „Мали пионери“ и долгометражниот филм „Убави жени одат по градот“. По овој повод, Жилник пристигнува во Скопје, па така од 19 до 20 часот предвиден е разговор со присутната публика, која ќе може одблизу да го запознае режисерот. Веднаш потоа почнува проекција на филмовите.

Изборот на филмови и концептуалната организација на настанот е на Артан Садику, кој и ќе го води разговорот со Жилник.

Тематската рамка за изборот на овие два филма наречена „Од маргини до дистопија“ ја потврдува уште еднаш релевантноста на делата на Жилник за денешницата, во која сведочиме глобален раст на нееднаквоста и која отфрла се поголем број луѓе на маргините од општеството, а истовремено и приближување кон реализацијата на дистописките сценарија за човештвото, поради еколошката и политичка деградација, кои раѓаат носталгија по добрите минати изгубени времиња.

Филмот „Мали пионери“ (18 мин) говори за социјално запоставени деца кои сами се грижат за себе, одлучуваат да крадат и да го прекршат законот. Тие се расправаат со нивните родители, кои ниту ги разбираат, ниту пак имаат чувства кон нив...

Филмот „Убави жени одат по градот“, (100 мин) говори за Белград во 2041, кој е напушен и руиниран град покриен во ѓубре. Неколку стари луѓе живеат таму: поранешен новинар со неговата ќерка, поранешен политичар со неговата жена и поранешен полицаец, кој работи како чувар на конвикт во кој живеат осум девојки. Старците ги растат девојките според традициите на поранешните Југословенски нации, што е доста ризично бидејќи Јужна Европа е опустошена од банда, која забранува какво било сеќавање на минатото...

Желимир Жилник е еден од најпродуктивните и најнаградувани режисери од просторите на поранешна Југославија. Неговите играни и документарни филмови од самиот почеток се фокусираат на современи тематики, вклучувајќи социјално и економско преиспитување на секојдневниот живот. За филмот „Рани Радови“ (1969), Жилник доби Златна Мечка на Берлинскиот Филмски Фестивал и три награди во Пула.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.