„Охридско лето“ со концерт за четирирачно пијано приреди прекрасна вечер

Различни композитори и различни музички стилови на едно пијано донесоа вчеравечер рускиот пијанист Илја Максимов и неговата партнерка Јулија Коќубан од Полска на фестивалот „Охридско лето“.

Програмата на руско-полското Дуо пијано ја опфати „Сонатата за четирирачно пијано“ од Моцарт, „Малата свита“ од Дебиси, а ја изведоа и композицијата „Шест пиеси“ од Рахмањинов.

Максимов-Коќубан се првпат во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“ и како што велат, иако прочитале за убавините со кои ќе се сретнат, сепак откако дошле, виделе дека градот е уште поубав кога ќе се посети.

„Ова е нашиот прв настап на „Охридско лето“. Бевме многу возбудени што доаѓаме бидејќи многу читавме за Охрид. И морам да кажам дека нашите очекувања беа многу пониски отколку реалноста. Ова место е восхитувачко.Кога првпат стапнавме во црквата „Света Софија“ ја почувствувавме таа прекрасна енергија и атмосфера“, вели Максимов.

Иако настапуваат како Дуо пијано, рускиот пијанист Илја Максимов и неговата животна и музичка партнерка, Јулија Коќубан зад себе имаат и самостојни музички кариери.

„Да се свири на едно пијано за четири раце е поразлично и има голема варијабилност на камерната музиката. Ние обично свириме посебно како пијано дуо и ова ни е прв концерт во странство на кој свириме со 4 раце. Но бидејќи сме венчани и го делиме животот, и свирењето е полесно со пијано за четири раце“, открива младата пијанистка Јулија Коќубан.

И Максимов вели дека не ги запоставуваат соло-кариерите, но сепак, најубаво е кога и во светот на музиката патуваат заедно.

„Секогаш кога имаме шанса настапуваме заедно. Двајцата имаме посебни кариери како уметници, Јулија е извонреден пијанист, јас исто така давам се’ од себе. Секако, кога имаме соло-концерти, даваме се’ од себе изнесувајќи го тоа пред публиката, но одлично е кога сме заедно бидејќи можеме да патуваме заедно и да искусиме многу нешта“, додава Максимов.

Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија - „Фредерик“.

Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија. Неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па се’ до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имаат посебно место во неговата концертна кариера.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.