Објавен романот „Тивко рушење“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Тивко рушење“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача, во превод од хрватски на македонски јазик на Ленче Тосева. Романот Тивко рушење претставува тематско и мотивско продолжение на неговиот награден роман Брдо.

Во Тивко рушење авторот повторно се качува на „брдо“, но овојпат тоа се наоѓа во еден трошен стан во една загрепска улица. Главниот јунак, молер со диплома професор по литература, со својот помошник треба да ги истружат ѕидовите на еден стан и повторно да ги обојат. Се чини дека тоа е работа по негова мерка, зашто е прилично осамена рутинска работа, далеку од луѓето, во осаменост, токму како што сака тој. Но човекот што ги ангажирал и неговата животна приказна ќе ги променат животите на сите ликови во романот.

Тивко рушење може да се смета како трета книга од своевидната трилогија романи во која се и „Добро е, убаво е“ и „Брдо“. Во сите три дела основниот тематски мотив е осаменоста, а главниот лик е антијунак. Овој роман е покомплексен од претходните и е напишан со чист поетски јазик, со стилски прецизни реченици, преполн со необични метафори. Тивко рушење е напишан како контрапункт на Брдо.

Ивица Пртењача е роден во 1969 година во Риека, Хрватска, каде што студирал југославистика на Педагошкиот факултет. Пишува поезија, проза, драмски текстови и колумни. Ги објавил следните книги: Пишувањето ослободува (1999), Yves, поезија (2001), Никој не зборува хрватски (со Б. Чегец и М. Миќановиќ), двојазичен избор од поезија, хрватско/француско издание (2002), Земај сè што те смирува, поезија (2002), Добро е, убаво е, роман (2006), Неделен ручек, драма (2007), Суровост, поезија (2010, награда Киклоп), Брдо, роман (2014, награда ВБЗ), Тивко уривање, роман (2017), Бршлен, раскази (2017), Пливач, роман (2019), Тишината и нејзините моливи, поезија (2020).

Негови дела се преведени на дваесетина јазици, меѓу кои и на македонски јазик. Тивко рушење е неговата четврта книга објавена на македонски јазик. Претходно во Македонија се објавени: Добро е, убаво е, Суровост и Брдо.

Според романот Брдо се снима долгометражен филм. Добитник е на повеќе книжевни награди, вклучен е во неколку антологии и избори на хрватска поезија. Живее и работи во Загреб како самостоен уметник.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.