Ново издание „Првите луѓе на Државниот архив (1951 - 2021)“

Државниот архив објави ново издание „Првите луѓе на Државниот архив (1951 - 2021)“ од проф.д-р Марјан Димитријевски по повод одбележувањето на јубилејот 70 години постоење на институцијата.

Преку биографиите и библиографиите на првите луѓе на архивот, всушност, се прикажува развојот на современата македонска архивистика и оваа институција, која претставува еден од темелите на македонскиот национален идентитет.

Улогата на првиот директор на Државниот архив, Тодор Талески, и неговиот наследник, Димче Стојанов-Мире, како основоположници на современата архивска служба во нашата држава е осведочена во ова издание преку прикажување на нивните напори за институционален развој на архивистиката.

„Следните генерации директори прават значајни исчекори во доразвивање на мрежата на архивските установи и осовременување на законодавната архивска практика. Архивот бележи подем во сите сфери на работењето на ниво на поранешна Југославија и по осамостојувањето. Денес во своите стратешки цели Државниот архив ја има дигитализацијата на архивските документи и историски материјали и воведување процеси на спроведување современи облици на архивистиката. Овој јубилеј нѐ обврзува како институција да го продолжиме патот на сите досегашни раководства во нивната успешна работа“, истакнуваат од Државниот архив.

Додаваат дека изданието „Првите луѓе на Државниот архив (1951 - 2021)“ ќе остане пишана трага за посветеноста на 13-те директори за достигнувањата на Државниот архив и ќе им служи за пример на идните генерации историчари и архивисти.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.