Петар Петковски кој го толкуваше ликот на Бојан во серијата „Фамилијата Марковски“ со номинација на Сараевскиот филмски фестивал

Aктерoт Петар Петковски кој ја толкуваше улогата на Бојан во македонската ТВ-серија „Фамилијата Марковски“ е номиниран на Сараевскиот филмски фестивал за наградата „Срце на Сараево“ во категоријата „Ѕвезда во подем“.

За признанието ќе се „борат“ и регионалните глумци Александар Димитријевиќ за серијата „Клан“, Ивана Зечевиќ за „Група“, Јана Бјелица за „Фамилија“ и Каја Шишмановиќ за „Црно-бел свет“.

Сараевскиот филмски фестивал, што оваа година ќе го има своето 27-мо издание, за првпат ги воведува наградите за ТВ серии, со цел промоција на најдобрите регионални ТВ серии и нивните автори и актер(к)и. Шеснаесет ТВ-серии од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Словенија, кои биле премиерно прикажани од 01.09.2019 до 31.05.2021 година, се номинирани за наградите„Срца на Сараево” што ќе се доделат во шест категории: Најдобра драмска серија, Најдобра комедија, Најдобар креатор на серија, Најдобар актер, Најдобра актерка и Sвезда во подем.

„Фамилијата Марковски“ е единствената серија со номинација од Северна Македонија. Серијата се емитуваше во текот на 2017 и 2019 година и беше примена со огромен интерес особено кај младата публика, заради ликот на Бојан Марковски што за Петар, кој тогаш имаше 15 години, беше прво искуство пред камера.

Проектот „Фамилијата Марковски“ е во продукција на „Арт проект лаб“. Првата сезона беше овозможена од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) додека втората е поддржана од European Endowment for Democracy (EED) и National Endowment for Democracy (NED). Режисер на серијата е Даријан Пејовски, а останатите главни улоги покрај Петар Петковски, ги толкуваа Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ, Силвија Стојановска и Александар Микиќ.

Премиерата на првите две епизоди од втората сезона се случи токму на Сараевскиот филмски фестивал во 2019 година како дел од програмата „Гала пред-премиери”, заедно со уште четири балкански серии од новата продукција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.