Викендов „Скопски градски фестивал“ вторпат во Скопје

Второто издание на „Скопскиот градски фестивал“ ќе се одржи на Школка во Градскиот парк, в сабота, 16 октомври, во организација на „Баги комуникации“.

Исто како и минатата година, и ова второ издание на „Скопски градски фестивал“ донесува возбудливо музичко искуство, кое ќе ни го овозможат најдобрите балкански и европски музичари.

Со промоција на својот нов албум со наслов Fragments ќе настапи „Зулу 3.4“ - најдобрата македонска fusion-група составена од извонредни музичари. „Зулу 3.4“ е инструментален бенд од Скопје, основан во март 2018 година од тројца млади љубители на џезот, чија цел беше да создадат уникатен звук преку спојување разни стилови и да внесат свежина на македонската музичка сцена.

За македонската публика, добро познатите Васко Атанасовски од Словенија и Васил Хаџиманов од Србија, ќе настапат во дуо формација и ќе го видиме најдоброто од овие двајца врвни инструменталисти. Васко Атанасовски е водечки словенечки и европски саксофонист, а Васил Хаџиманов е најдобриот светски џез-пијанист на електрично пијано.

Од Грција доаѓа Thanos Stavridis & drom, водечкиот грчки музичар, факултетски професор и еден од најдобрите европски инструменталисти на хармоника, лидер на групата Drom, составена од исклучителни грчки музичари. Тој ќе го промовира својот нов албум Spicey Margarita, прогласен за еден од најдобрите европски World music-албуми во 2021 година.

Фестивалот е бесплатен за публиката, а организаторите препорачуваат одговорно следење и почитување на препораките за заштита од Ковид-19.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.