„Ѕиркачот“ - изложба на Стефан Божиновски вечерва во МКЦ

Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ (Галерија 2, горно фоаје) ќе се отвори „Ѕиркачот“ - изложба на Стефан Божиновски.

Отворањето ќе биде проследено со краток перформанс.

„И чувствуваш како некој да е тука, и те гледа.

Не го гледаш, но те гледа. Будно те следи, и… чека.

Како сведок. Нем сведок на туѓо постоење“.

Живееме во општество во кое сите ние, на еден или друг начин, сме мета на постојано набљудување. Нашето постоење е нераскинливо сврзано со потребата за анализа, првично поттикната и во одредена мера испровоцирана од природната потреба за љубопитност и желбата што подетално да се истражи и осознае светот во кој егзистираме, да се разоткрие превезот на конфузија и загадочност постојано диктирани од страна на аналитичката страна од нашиот разум.

Опседнатоста со туѓото, онаа отровна љубопитност, која ја потиснуваме, а која е способна да нѐ контролира одвнатре и да демне низ кревките и непредвидливи лавиринти на нашето постоење, поттикнува низа постапки за кои честопати и не може да се пронајде соодветно оправдување. Во денешното општество љубопитноста и силната желба да се навлезе и да се дознае нешто „повеќе“ за другиот е сосема нормализирана појава, дополнително поттикната од социјалните медиуми. Љубопитност да се види одредена содржина, содржина што може да се избере лично според желбата што ја има поединецот, побудувајќи ја скопофилијата во својот нарцисоиден аспект, а и кои уште повеќе влијаеја врз деперсонализирање на идентитетот и индивидуалитетот на поединецот, кој продолжува да демне сместен во кревката фрагилност и несигурност на сопственото постоење. Да погледнеме, да ѕирнеме, да го прокоментираме животот на другиот.

- Ангела Витановска

Стефан Божиновски е роден во 1999 год, во Битола, Р. Македонија. Моментално е студент на додипломски студии на Катедрата за графика (со модул Сценографија) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Покрај матичната работа во областа на графиката, тој работи и во областите сликарство, фотографија, филм и театар. Во текот на студиите има учествувано на повеќе изложби, како изложбата на студентска графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“ (најдобра студентска графика за академската 2020/21), изложбата Љубов во време на корона 2020 (со фотографија) и изложбата Одбиенале 2021. Од јули 2017 – август 2018 год. е дел од првата генерација на „Докуникулци“ школата за документарен филм на Македокс. Во неговото портфолио има и еден краток филм, „Тука сум“ (2021) (сценарист и режисер). Во текот на 2020 год. работи како дел од тимовите на повеќе научно-културни студентски проекти во соработка со студенти од повеќе факултети при УКИМ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.