Поети, актери, музичари, писатели можат да се пријавуваат за учество на фестивалот „Нови простори“

Организаторите на првото издание на фестивалот „Нови простори“, што ќе се одржи на 13 ноември, упатија покана за учество до сите заинтересирани уметници во државата.

Предвидено е фестивалот да се одржи на кејот „13 Ноември“ во Скопје, до Камениот мост, околу сидрото, под арката на мостот и на платото пред скалите, од левата страна на реката Вардар и недела, 14 ноември, во 12:00 часот, на клупата со бистата на Горан Стефановски, во малото паркче во Дебар Мало, до Општина Центар.

„На фестивалот можат да учествуваат артисти од нашата земја, без ограничувања“, велат организаторите на настанот. Пропозициите се следни:

1. „Нови поетски пространства“– Читање по една нова авторска песна на тема „Просторот во мене“.

2. „Акустика под арката на мостот“ – Соло настапи на акустични изведувачи под арката на Камениот мост. Секој учесник ќе може да се претстави со програма во траење од 10 минути.

3. „Уметност на кеј“ - класична уметност во нов простор

а. „Продажна изложба на нови уметнички дела“. Секој уметник се пријавува со по 2 дела.

б. „Амбиентална театарска претстава“ Театри или неформали театарски групи се пријавуваат со амбиентална театарска претстава со акцент на визуелниот израз која може да биде изведена на отворен простор, на дневна светлина, во трање до 30 минути.

в. „Класични звуци во некласично опкружување“ – Камерни ансамбли на класична музика може да се пријават за настап, со програма во должина од 15 минути.

4. „Танц на кеј“ – Можат да се пријават поединци и групи со современ танц. Стручна комисија ќе селектира 8 учесници, секој со програма до 5 минути.

5. „Отворен микрофон“ – Можат да се пријават поединци и групи со авторска музика. Стручна комисија ќе селектира 10 учесници со програма во траење до 10 минути.

6. „Нов бит“ Можат да се пријават поединци и групи со авторска електронска музика. Стручна комисија ќе селектира 6 учесници кои ќе можат да презентираат свој DJ сет во трање до 15 минути.

7. „Бродот наречен Скопје“ – Вечер на краткиот расказ – Можат да се пријават автори со кратки раскази во должина до 1.200 збора, на тема „Чудесното патување со Скопје“.

8. „Разговор со Горан“ – Пладневно матине посветено на творештвото на Горан Стефановски – Можат да се пријават поедници и групи кои ќе изведат делови од драмите или ќе презентираат свои видувања и искуства од соработката и дружењето со нашиот класик, драматургот Горан Стефановски.

Пријавувањето на учесници на фестивалот е отворено до 6 Ноември 2021 година. Избраните учесници ќе бидат известени на 7 Ноември 2021 година, кога ќе биде и презентирана програмата на првото издание на овој нов фестивал.

За да се пријавите за учество, треба да ја пополните пријавата која можете да ја најдете на веб-страницата на фестивалот, или на профилите на социјалните мрежи. Контакт; 078-588-695 и 070-205-839





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.