(Видео) Меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ

На 18 декември (сабота), со почеток во 13 часот, во Музејот на современата уметност — Скопје се отвора меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“. Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Ќе бидат изложени дела од 11 интернационално признати уметници: Францис Алис (Белгија), Марва Арсаниос (САД), Шерон Хејс (САД), Артур Џафа (САД), Хива К (Ирак), Јонас Стаал (Холандија), Ву Цанг (САД), Дардан Жегрова (Косово), како и македонските уметници Кристина Божурска, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) и Игор Тошевски.

 

 

Изложбената поставка се состои од 13 дела во различни медиуми, инсталации и видеодела.

Од меѓународните уметници, во Скопје пристигнуваат познатиот уметник од Ирак, Хива К, кој ќе присуствува на отворањето на изложбата, и уметникот Дардан Жегрова од Косово.

Уметникот Јонас Стаал од Холандија ќе го подари своето дело на Музејот и со тоа ќе ја збогати вредната уметничка колекција на МСУ.

„Сè што ни е заедничко се однесува на состојби кои сите ги сведочиме и живееме, а се поврзани со ранливоста и егзистенцијалната небезбедност, економски неправди, политички манупулации, лошо регулирање на работнички права, митот за слободата на говорот, теории на заговор кои шират национализам, експлоатација на трудот, современото расно насилство, борбите на квир движењата, последиците врз психата и телесноста од политичкото 'дисциплинирање' во различни контексти и ситуации, во Македонија, регионот и во светот. Наспроти тоа, изложбата не поттикнува да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација да предложи сценарија за некои нови идни сојузи и слободни територии и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели“, велат кураторките Гаќина и Попова.

Изложените дела го прикажуваат потенцијалот на уметноста како политика.

Дизајнот за визуелно решение го направи уметницата Неда Фирфова.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2022 година и се реализира со поддршка од Министерството за култура, ЕВН Македонија и Тиквеш.

Отворањето ќе се релизира според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.