Наскоро: „Столб што пее“ нов антивоен роман на писателот Томислав Османли

Наскоро, се очекува новиот роман на Томислав Османли, насловен „Столб што пее“. „Станува збор за хуманистички ангажирано книжевно дело кое со опфат од дваесет столетија и голем број приказни, трага по корените на човековата агресивност и воинственост - почнувајќи од првото до дваесетипрвото столетие со блискоисточните и тековната украинска војна - и историјата на масовните насилија и страдања“, е наведено во информацијата.

Како и во своите три претходни романи „Дваесет и првиот“, „Зад аголот“ и „Бродот. Конзархија“, Османли воодушевува и воедно изненадува со широката, транс-историска поставка на неговите синхониски осмислени хронотопи од Азија до суровите води на бегалскиот Медитеран, Балканот и северот на Европа. Тој уверливо ги открива длабоките врски меѓу навидум сосем неповрзаните епохи, ликови, во неговата мултиперипетиска проза. Во неа се појавуваат антички философи, поети и мелографи, ранохристијански апостоли, војници и припадници на нерегуларни формации, бегалци од страдалните војни на Блискиот исток, среќни луѓе од далечниот Запад, англиски врвни археолози и епиграфичари, инженери на железници источните железници, жестоко раздвоени брачни парови што опстојуваат во обидите да ги преживеат воените времиња.

Дејството на романот „Столб што пее“ кој се случува на тлото на југозападна Анадолија близу до древната Смирна, современиот Измир; во античкиот град Трајлес од кадешто - во мирните времиња на доцната антика, потекнува еден мермерен столбец со таинствен и повеќекратно значаен, оптимистички запис; и, паралелно, на просторот во и околу неговиот современ двојник, турскиот град Ајдин сместен до реката Меандер, во жестоката војна и што таму се одвивала пред точно еден век, меѓу 1919-1922... со далекусежни последици на трагичното домино што една војна секогаш го произведува, речиси во бескрајна низа.

„Столб што пее“ е динамично раскажана, бујна и ангажирана книга, што ја демистифицира лажната миротворност на миротворците, хипокризијата на политичарите со хуманистички пораки, медиумите, јавните личности и инфлуенсери, креативци што по секоја цена се легитимираат на тој начин, а всушност се дел од ширењето невозможен оптимизам и лажно човекољубие, како дејственици на оттуѓената моќ особено на новово време. Наспроти нивниот хуманизам стои трагедијата на луѓето, народите и државите што сѐ помасовно страдаат од практицирањето на таа демагошка моќ, а потоа и ја обновуваат сѐ пожестоката воинственост низ распалената омраза.

Во своето најново книжевно дело Османли „без анестезија“ се занимава со симулакрумот на мирот во воинствената цивилизација.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.