Почна петтото јубилејно издание на „Саксклар“, меѓународен фестивал по кларинети саксофон

На 30 мај 2022 година, со концертот на Горан Трајковски – саксофон и Маја Божиновска – пијано во Штип почна петтото јубилејно издание на „Саксклар“, меѓународниот фестивал по кларинети саксофон.

Фестивалот изминативе пет години е пример за една успешна музичка приказна и кој стана препознатлив бренд не само помеѓу кларинетистите и саксофонистите, туку во целата музичка и уметничка јавност кај нас и пошироко.

Како пример за тоа се многубројните концерти, семинари и натпревари во рамки на фестивалот, каде што покрај нашите најдобри кларинетисти и саксофонисти, настапија и повеќе светски имиња од сферата, како Матијас Мулер (Швајцарија), Детлеф Бенсман (Германија), Огњен Поповиќ (Србија), Јоргос Лигеридис (Грција), Драган Сремец(Хрватска), Вељко Кленковски (Србија), Матјаж Древеншек (Словенија), Жан Мишел Бертели(Франција).

Во изминативе пет години, „Саксклар“ од една дводневна манифестација лоцирана исклучиво во Скопје, прерасна во фестивал во вистинска смисла на зборот, кој опфаќа повеќе градови од републиката со повеќе од 10 настани (целини) во својата програма и како таков добива една уникатност во своето дејствување не само во државата туку и на територијата на целиот Балкан, па и пошироко.

Овогодишното јубилејно издание својата програма која е поддржана од страна на Министерството за култура на РСМ, ја реализира преку повеќе камерни концерти, и тоа во Штип, Кавадарци, Битола и Скопје.

Покрај Горан Трајковски и Маја Божиновска, имавме можност да чуеме прекрасни изведби на наши домашни уметници како Спире Јовановски и Верица Дивитарова, Ристо Ѓоревски, Весна Ѓиновска Илкова и Елена Атанасовска Ивановска, Лазар Соколов и Емилија Кабранова-Филипова. Но не помалку интересен оваа година е и изборот на странските гости.

Статис Мавроматис (Грција) и Давор Реба (Хрватска), двајца извонредни музичари, солисти и педагози со светско реноме, оваа година се одговорни за водењето на семинарите кои ќе се случат на 13 јуни во Скопје, на Факултетот за музичка уметност, и на 14 јуни во Државното музичко училиште во Битола.

Покрај образовната активност, присутните ќе имаат можност да уживаат и во нивните интерпретациски вештини и тоа на 15 јуни во Културен и информативен центар во Битола, односно 16 јуни во Камерната сала на Филхармонија во Скопје, каде што ќе настапат заедно со едни од најдобрите македонски кларинетисти и саксофонисти, и Камерниот оркестар на Битола, под диригентската палка на Владимир Димовски.

Овие два настана се всушност и главната прослава по повод јубилејот на Меѓународниот фестивал по кларинет и саксофон „Саксклар“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.