„Песни од патувања“ - концерт на бас-баритонот Иван Наумовски со дела од светски и македонски автори

Вечерва во Музејот на македонска борба, 20 часот, ќе се реализира концертен настан со особена тежина - вечерен рецитал на бас-баритонот Иван Наумовски и пијанистката Елена Атанасовска под наслов „Песни од патувања“, посебна тема исполнета со уметнички песни испеани на неколку јазици.

Овој македонски млад уметник со зрела кариера и бројни настапи низ Европа, кој живее и работи во Виена, Австрија, ќе ја почести македонската публика со изведба на дела од Р. Шуман, Ј. Хајдн, Ј. Брамс, Ж. Ибер, Р. В. Вилијамс, но и дела од македонските автори Томислав Зографски, Горан Начевски и Дарија Андовска.

Композиторот проф. Г. Начевски нему му го посветил своето видување на македонската народна песна “Параходот“, а композицијата “Марика мома убава“ од проф. Т. Зографски е веќе култно дело во македонската музичка историја.

Со македонската премиера на композицијата „Со маки сум се родил јас”, Иван Наумовски го заокружува циклусот „Песни од татковината“ од композиторката проф. Д. Андовска, чија изведба ја започна на целовечерниот концерт на маестро Симон Трпчески.

Иван Наумовски дипломирал во Скопје соло пеење, магистрирал во Виена на државниот универзитет, а исто така е и добитник на наградата “Виртуози“ за најдобар млад музички уметник во Македонија.

Влезот на концертот е слободен, а доживувањето бесценето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.