Промоција на филозофската книга „Менциј“ на приредувачот Игор Радев

Денес, со почеток во 19:19 часот, во Салонот 19.19 при Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде промовирана книгата од областа на старата кинеска филозофија, во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија.

Книгата, која е издание на „Македоника литера“, ќе ја промовира проф. д-р Ристо Солунчев.

За местото на Менциј во класичната кинеска филозофија ќе зборува д-р Игор Радев.

Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј. „Менциј првпат интегрално се објавува на македонски јазик, со предговор, коментари и во превод од старокинески на д-р Игор Радев. Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на делото на Менциј.

Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“, а првпат интегрално се објавени на македонски јазик.

„Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

Менциј (Мѐнг Ци̌’; 372 – 289 п. н. е.) е еден од стожерните филозофи во кинеската историја, чиешто дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја. Живеел во преодот од IV и III век пред Христа, кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на философската мисла, кога разни филозофи, коишто претставувале различни интелектуални школи влегувале во остри полемики меѓу себе.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.