Заврши првиот форум за локални практики во филмската дејност

Во рамките на програмата на „Битфест“, деновиве во Битола се одржа Првиот дводневен форум под слоганот „ Дејствувај на локално ниво” во организација на „Балкан синема ситис“, а во партнерска соработка со Општина Битола и КИЦ Битола.

По дводневната размена на искуства и знаења беше заклучено дека, филмскиот сектор има потреба за подобра соработка со единиците на локалната самоуправа, но истиот мора да ги споделува проблемите, но и да се покренуваат иницијативи како овој Форум, со цел изнаоѓање решенија како на локално, така и на централно ниво. Придобивките од секторот можат да бидат големи, но за истите да создадат позитивни влијанија потребна е поддршка и акции од страна на локалните власти, како и акции и унапредување на мерки од страна на централните власти.

На отворањето на форумот, свое обраќање имаше претседателот на „Балкан синема ситис“, Кирил Ѓозев, кој истакна дека: „Првиот интернационален форум под слоганот ‘Дејствувај на локално ниво’ е замислен да биде еден вид на инкубациски центар кој освен знаење и сознанија за темите кои ќе бидат опфатени, преку дијалог помеѓу повеќе засегнати страни од централно, општинско и секторско ниво се очекува да поттикнат идеи за градење на една визија за развој на силен локален филмски, културен и креативен сектор, како и визија за создавање и градење на т.н ‘пријателска филмска и аудиовизуелна околина на локално ниво‚‚ која позитивно може да влијае како на заедницата, така и на локалната економија и економскиот раст на долг период’“.

Првиот форум за иницирање на практики на локално ниво: Одржливо Екофилмско производство и дистрибуција го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

„Кога зборуваме за одржливост во оваа област, мора пред себе да го имаме значењето на филмската индустрија за развојот на туризмот, културната промоција и финансискиот бенефит за речиси сите други сектори кои функционираат во градот. Сепак, во процесот на создавање нови придобивки не смееме да ја заборавиме грижата за објектите и животната средина, зошто само на тој начин секогаш ќе бидеме чекор понапред кон подобрувањето на условите за напредок“, рече Коњановски.

На форумот за првпат се отвори дискусија помеѓу повеќе чинители за можностите и придобивките кои општините можат да ги имаат доколку се вклучат со свои активности во развој на филмскиот сектор во целина.

Форумот иницираше плодна дискусија која се одвиваше во позитивна атмосфера и активна партиципација на сите учесниците од локално, централно и секторско ниво.

Во рамките на Форумот покрај градоначалникот и секретарот на општина Битола, Тони Коњановски и Борче Димитровски од локалната самоуправа свое учество земаа и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчевски, претседателот на Совет на општина Велес, Зоран Љутков, и советникот за култура од општина Охрид, Илија Пиперковски.

Градоначалниците на Битола и Прилеп и претставниците од Општините Велес и Охрид ги пренесоа своите видувања за можни идни локални активности со филмскиот сектор и нивното влијание врз локалната заедница и економија. Беа детектирани и одредени проблеми кои заради непостоење на сознанија, внатрешни процедури, инфраструктура и ресурси некогаш негативно влијаат врз соработката со овој сектор и можностите за поддршка на истиот.

Покрај локалната самоуправа во рамките на Форумот учествуваа и претставници од централните институции и тоа: Даниела Станковска-Плачковска, раководител на Секторот за развој на филмската дејност при Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, советник во Управата за заштита на културното наследство, и Менче Хаџи-Коста Милевски од Н.У. Центар за култура – Битола. Институциите на централно ниво, со акцент на Агенцијата за филм потребно е во континуитет да придонесуваат за развојот на филмскиот сектор. Претставникот на Агенцијата за филм, Даниела Станковска-Плачковска, истакна дека Агенцијата за филм останува да ги следи потребите на филмскиот сектор и е отворена за соработка, иницијативи и сл. кои ќе придонесат за градење пријателска филмска и аудиовизуелна дејност на локално ниво.

На Форумот учествуваа и професионалци од филмскиот сектор меѓу кои Дејан Илиев – продуцент, член на Здружението на филмски професионалци и ТВ-соработници на Македонија и професор за продукција на ФДУ, Кристина Христови-Николова, актерка и сопственик на продуцентската и дистрибутерската компанија, Саша Станишиќ – режисер и сопственик на продуцентска и дистрибутерска компанија, Весна Ристовска – претседател на Центар за филм Битола и др.

Продуцентите Огнен Антов од Македонија и Николај Мутафчиев од Бугарија преку студија на случај говореа за применети екопристапи и акции во процесот на производство на своите филмови, опфаќајќи ги и предизвиците, потребите како од централните, така и од локалните власти.

Од страна на сите присутни беше поздравена иницијативата и материјалите кои дадоа сознанија за темите, како и изборот на учесници кои поттикна разговор, идеи, мислења и пренесоа знаења и искуства.

„Балкан синема ситис“ во соработка со експерти од оваа област и во иднина ќе продолжи да дејствува со иницирање  настани на овие теми и во периодот кој следи ќе даде идеи со цел заедничко дејствување и ангажман во овие области во кои ќе ги вклучи институциите на централно и локално ниво, како и филмскиот сектор, а ќе следуваат и нови активности со локалната заедница.

„Балкан синема ситис“ проактивно продолжува да дејствува, да пренесува знаење, да предлага и иницира значајни проекти за развој на овој сектор. Сето ова е продолжување на делото и визиите за овој сектор кој започна да ги создава продуцентот Димитар Николов-Таки.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.