По сомневањата за упад: министерот Сали нема информации дека трет ден системот на Фондот за здравство не работи

Министерот за здравство Беким Сали не даде никакво објаснување за системот на Фондот за здравствено осигурување кој веќе трет ден не работи, дел од услугите не им се достапни на корисниците, а лекари почнаа јавно да се сомневаат дека се работи за упад. На прашањето што се случува со системот на Фондот, денес министерот Сали немаше одговор.

„ Немам информации. Јас би предложил да се обратите до авторитети, директори на Фондот“, кусо одговори министерот Сали.

Вчера попладне од Фондот за „Макфакс“ објаснија дека паднал дел од системот кој ги има личните податоци за сите здравствено осигурени лица во земјава, но уверуваат дека пациентите не се засегнати од проблемот.

„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето на рецепти и со подигнување на лекови во аптеките. Во моментов има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти”, изјавија од Фондот за „Макфакс“.

За паднатиот систем на Фондот вчера реагираше матичната лекарка Лилија Чолакова-Дервишова, а денес и Ненад Лазаров јавно праша има ли некој информации дали е хакирана и украдена здравствената дата база.

Испадите на системот на Фондот зачестија последниве две години. Минатата година беше прекината врската меѓу Фондот и системот „Мој термин“ па пациентите не можеа да си купат лек на рецепт во аптеките, а во 2021 година, поради технички проблеми на системот две недели доцнеше ислатата на матичните лекари среде најголем притисок од пациенти со коронавирус.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.