УЈП организира панел во чест на Денот на даночните работници, 29 - ноември,“ Св. Матеј“

Во чест на Денот на даночните работници, 29 - ноември,“ Св. Матеј“ Управата за јавни приходи организираше панел-дискусија под мотото „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“ која имаше за цел да ги разгледа актуелните предизвици и перспективи во областа на даночната политика и систем, како и улогата на институциите во креирањето на праведно и одговорно општество.

Директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, ги поздрави присутните и во своето обраќање истакна дека оваа панел-дискусија претставува важен чекор во правец на зајакнување на довербата помеѓу институциите, бизнис секторот и граѓаните. Петрова ја презентираше визијата и новиот визуелен идентитет на УЈП, кој се темелат на тимска работа, посветеност, успех и напредок. Новото лого како што рече таа е симбол на новите перспективи и идни цели кои се стремат кон создавање на поефикасен и праведен даночен систем, кој ќе овозможи поголеми приходи за финансирање на јавните услуги и поддршка на економскиот развој и даночна администрација која ќе биде во служба на граѓаните и бизнисот.

„Од аспект на УЈП, подоброто собирање на даночните приходи значи, од една страна овозможување ефикасни процедури и системи преку кои даночните обврзници може да ги исполнуваат даночните обврски, обезбедување директна помош за правилно  разбирање и примена на даночната регулатива, обезбедување конзистеност која на даночните обврзници ќе им гарантира сигурност дека секој даночен инспектор и секој даночен службеник ќе постапи на ист начин, а од друга страна доследно и објективно применување на законските овластувања кон сите даночни  обврзници кои не ги исполнуваат даночните обврски целосно, точно и навремено. Во центарот за собирањето на даночните приходи сепак се даночните обврзници, бидејќи имаме систем на самооданочување кој се темели на нивната доброволна усогласеност. На денешниот настан им дадовме можност да ги слушнеме и нивните предизвици, што очекуваат од даночната политика и даночната администрација, но и да зборуваме за некои заеднички предизвици, пред сè сивата економија која, како што јаде дел од буџетските приходи, исто така претставува нелојална конкуренција на бизнисот.

Перспективите за подобро собирање на даночните приходи како што рече Петрова се: поголема ефикасност и ефективност на даночната администрација заснована на дигитализација, соработка и координација, поголема даночна свест и повисок даночен морал.“ – истакна директорката Петрова.

На настанот се обрати и министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, која во своето обраќање ја нагласи важноста на заедничката посветеност за праведно распределување на јавните средства и создавање на одговорно општество.

„Управата за јавни приходи игра главна улога во прибирање на приходите во Буџетот, и во реализацијата на својата надлежност треба да обезбеди фер принципи и постапки, односно примена на еднакви правила и на тој начин да ја зголеми наплатата и прибирањето на даночните приходи во македонската економија и на тој начин да овозможи повеќе инвестиции и доход, а оттаму и економскиот раст. Наша определба како Влада, која е утврдена уште со преземање на власта е борбата со сивата економија. Тоа е полето на кое треба да дадеме приоритет и тука да го најдеме приходот којшто ќе биде дополнителен импут во реализација на политиките кои значат подобра инфрастуктура, подобри здравствени услуги, подобро образование, подобри социјални услуги, подобар стандард на граѓаните, повисок економски раст“, рече министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.

Модератор на настанот беше д-р Василка Габер Наумовска, која речиси една деценија работи во Секторот за наплата и управување со долгови во делот на преземање на меки мерки со цел даночните обврзници полесно и побрзо да ги исполнат нивните даночни обврски.

Наумовска истакна дека даночната политика, како дел од фискалната, има двојна улога – да обезбеди средства за финансирање на јавните услуги и инфраструктурата, но во исто време и да креира стимулативно деловно опкружување што поттикнува иновации и инвестиции.

Помошник раководителот на Сектор за јавни приходи и даночна и царинска политика во Министерството за финансии Данаил Каров, кој беше панел учесник рече дека во периодот кој следи предизвиците на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи се бројни, истакнувајќи ја борбата со сивата економија и намалувањето на административниот товар на даночните обврзници преку зголемен обем на дигитални решенија при даночната постапка, имплементирањето на меѓународните даночни трендови кои произлегуваат од зголемената дигитализација на економијата, оданочување на светскиот доход и профит како и воспоставувањето на минималната стапка на корпоративен данок. Како што рече, сите приоритети во даночната политика се обединети во Програмата на Владата 2024-2028 во која се состојат бројни мерки во даночната област а поврзани со зголемена ефикасност и ефективност на даночниот систем, даночните поттикнувања за одредени групи на обврзници но и зголемување на даночната база преку одржлив економски раст.

Јасмина Груевска Божиновска, раководител на Сектор за регистрација и утврдување на даноци во Управата за јавни приходи, магистер од областа на Европската Унија и долгогодишен даночен експерт во делот на регистрација и утврдување на даноци рече дека Управата за јавни приходи, настојува да одржи баланс во обезбедувањето на економската одржливост на стопанството од една страна и заштитата од злоупотреби на државниот буџет од друга страна.

За да се постигнат повеќе приходи, според помошник директор на Сектор за царински систем во Царинска управа Марјан Тасевски потребни се и дигитализирани процеси на услугите. Тие како што рече не само што ќе ги поедностават царинските постапки туку и ќе создадат систем кој многу поефикасно ќе детектира можните ризици или обиди за избегнување на наплата на приходите што пак ќе се придонесе за намалување и спречување на сивата економија, а со тоа и повеќе приходи во државната каса.

Партнерскиот однос и соработката со институциите според директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски, се важен сегмент бидејќи на тој начин се овозможува следење на текот на јавните расходи и трошењето на буџетските средства. Кога државата успешно ги следи и санкционира злоупотребите на средства, јавните финансии како што рече Ивановски, стануваат поконзистентни и стабилни, што создава услови за поголеми приходи и нивна подобра распределба.

Даночните обврзници, претставници на бизнис секторот клучот за остварување на повеќе даночни приходи го гледаат во забрзан економски раст.

Анатол Кутрески, втор Извршен директор во „Пекабеско АД, рече дека доколку сакаме да имаме напредно општество секој од нас мора да си го исполни својот дел од обврските и само така ќе имаме морално право да бараме и државата да го исполни својот дел својот од обврските.

Панелистите се согласија дека за успешна имплементација на даночната политика клучна е меѓуинституционалната соработката, како и постојаната комуникација со бизнис заедницата и граѓаните, со цел постигнување на зголемена наплата на даноците, која пак ќе овозможи подобро финансирање на јавните услуги и економски раст и развој на државава.

Инаку годинава Управата за јавни приходи по 27 пат го одбележа „Св Матеј“ и 77 години од воспоставување на даночниот систем.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.