По четири децении постоење, подобрени условите за хемодијализа и реновиран објектот за пациентите во струшка нефрологија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Декември 2024
После постоење од речиси четири децении, во ЈЗУ Нефрологија Струга извршени се поголеми градежни зафати, а инвестирано е и во подобрување на условите за третман на пациентите, благодарение на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ преку програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од грантовата шема“ кој го реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија, соопштија од Министерството за локална самоуправа.
Заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, заедно со директорот на установата, Јетмир Зиба и директорот на Центар за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба, денеска ја посетија установата со што и официјално се означи имплементацијата на проектот вреден 26 милиони денари.
Според соопштеното, во рамки на проектот, на главната зграда на установата поставени се фотонапонски панели, има соларен систем за загревање на вода, нов систем за греење/ладење, дизел агрегат, извршена е замена на столарија и подобрен е системот за осветлување во внатрешноста на објектот. Истовремено, како што е наведено во информацијата, поставен е и безжичен систем за болничка дојава во оддел за интензивна нега, воспоставен е централен систем за дистрибуција на кислород, извршена е надградба на интернет страната на установата со можност за електронско закажување на прегледи и дијализа. Инвестирано е и во објектот наменет за „холидеј дијализа“ кој сега е комплетно реновиран, има и нов систем за греење/ладење и вентилација, нов инвентар (медицински фотелји, опрема за сестринска соба и друг потребен специјализиран мебел).
„Установата сега ги поседува сите услови за навремен и комплетен третман на лицата со бубрежни заболувања. Купен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, систем за реверзибилна осмоза, комплетно се реновираше одделот за ‘холидеј дијализа’ и тој сега може да се користи преку целата година, а капацитетот на дневниот третман се зголеми на 60 лица. Веќе почнавме да ги намалуваме и трошоците за електрична енергија, благодарение на реконструираниот кров и фасада и поставените соларни панели на покривот на објектот. Оваа капитална инвестиција е од исклучително значење и голем исчекор за подобрување на медицинските услуги кои ги нудиме“, изјави директорот на ЈЗУ Нефрологија, Зиба, кој информираше дека со проектот постигната е енергетска ефикасност на објектот, а како резултат на модернизацијата на веб страната на установата, сега постои можност за електронско закажување на прегледи и дијализа.
„Чест ми е што сум присутен на денешното официјализирање на проектот за подобрување на здравствените услуги во оваа установа, која е од исклучителна важност со оглед на тоа дека таа годишно пружа нега на над 14.000 пациенти од земјава, но и пошироко. Голема благодарност за поддршката на Владата на Швајцарија со чија помош ги решивме сите аномалии на установата, како од инфраструктурен аспект, така и од медицинска гледна точка. Сега, установата нуди услуги и третман по сите стандарди во интерес на нејзините пациенти, нашите граѓани, но и оние од регионот, а создадени се и услови за развој на здравствен туризам што е од значење не само за Струга, туку и целиот југозападен регион“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими.
Повеќекратните придобивки од инвестицијата во установата ги посочи и директорот на Центар за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба.
„ЈЗУ Нефрологија Струга е единствена болница во југозападниот плански регион кој ја третира областа на бубрежни заболувања, па оттаму, имплементацијата на проектот со кој се подобрија условите за нега на пациентите, како и за условите за работа на медицинскиот персонал се од исклучителна важност. Овој проект, заедно со проектот за реконструкција на болницата за срцеви заболувања во Охрид, местоположбата на установите, природните убавини со кои се опкружени, во голема мера создаваат услови за развој на здравствениот туризам во регионот“, истакна Каба.
Вредноста на целиот проект изнесува 26.043.286 денари. Министерството обезбеди 11.324.000 денари, Швајцарската агенција за развој и соработка учествува со 9.200.000 денари, финансики удел има и установата со 4.200.000 денари, а останатите се средства од буџетот на Општина Струга, соопшти ресорното министерство.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс