
Тошковски најави поголема набавка на униформи за полицијата од онаа за специјалците: Спорната набавка е законска, но немаше доволно критериуми во тендерот
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Јуни 2025

На нов тендер Министерството за внатрешни работи ќе бара униформи за 6.000 полицајци, најави денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За него не е спорно што мало модно студио и тукушто отворена фирма треба да испорачаат униформи за специјалната полиција за 3,8 милиони евра и вели дека набавката била спорна за јавноста не оти е незаконска туку поради што немало доволно критериуми во тендерот, па освен оваа, најави уште една, поголема набавка на униформи.
„ Оваа набавка која што да речеме беше спорна во јавноста, не од законски аспект туку од аспект на тоа што немало доволно критериуми во рамки на тендерската документација, е помалата набавка. Сега треба да следи поголема набавка која што се однесува на сите униформирани полициски службеници, не само на специјалните сили. Ако таа беше да речеме за бројка од 1000 луѓе, сега ќе следи набавка за бројка од 5-6.000 полициски службеници за кои ќе треба да се набави униформа“, вели министерот Тошковски.
Се надева дека најбрзо што може ќе бидат ефектуирани и едната и другата набавка. Министерот останува на ставот дека на полицајците им треба достоинствена униформа, а обидите да се осуети набавката, според него, се манипулација, растурање пердуви и обвинувања.
„Во јавноста имаше еден обид за девалвација на процесот за набавка на униформи за полициските службеници. Имам една фотографија која што ја има и претходно споделено во јавноста, а ја има и на мојата веб-страница, како беа облечени полициските службеници во рамки на една моја постеа, додека бев во техничка Влада. Едниот со фармерки, другиот со работничко одело, третиот со палто од татко му затоа што татко му бил полициски службеник. Срамота. Се надевам дека во текот на оваа година сите полициски службеници ќе добијат достоинствена униформа заради тоа што навистина ова што го имаме сега од аспект на униформа е катастрофа. И ќе го направиме. Осум години не набавиле униформа, ќе направиме и тоа. Осум години денар не вложиле во управните служби, го правиме и тоа. Нека продолжат да манипулираат, нека фрлаат пердуви и празни обвинувања. Суди македонскиот народ. Мудар е, гледа што се случува и за брзо време ќе си каже што мисли на локалните избори“, рече министерот Тошковски на пуштањете во употреба на обновените простории за вадење пасоши и лични карти во зградата на Македонската телевизија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
