
(Фото) Целосно реновирани управните служби во зградата на МРТВ: „Веќе нема да има хаос“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Јуни 2025

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска заедно со раководството на Министерството го пушти во употреба реконструираното Одделение за управни работи – Скопје кое се наоѓа во зградата на МРТВ.
Тошковски образложи дека реконструкцијата почна кон крајот на месец октомври минатата година, и според него, била една од стратешките планови на ова раководството на МВР со цел граѓаните да добиваат брзи и ефикасни услуги кои ги плаќаат и ги заслужуваат.
„Веќе нема да има хаос, неред и граѓани со нарушено достоинство кога е потребно да се извади личен документ или било која услуга која ја дава овој Оддел. Целта на реконструкцијата е граѓаните да имаат можност за брзи и ефикасни услуги, да го штедат своето време и сето тоа да биде на достоинствен начин како што заслужува секој македонски граѓанин. Со реконструкцијата и реновирањето засега опфатени се 20 т.н. кабини за сликање кои ќе извршуваат повеќе работни функции и ќе даваат повеќе услуги на граѓаните, реконструирана е големата шалтер сала која во наредниот период ќе ги опслужува граѓаните во делот на издавањето на пасошите по итна и редовна постапка, личните карти по итна постапка, возачките дозволи, уверенија за државјанства заедно со сите останати постапки во врска со барањата за прием и отпуст од државјанства, промена на лично име и други, како и услуги од областа на возилата“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Тошковски истакна дека заедничкиот простор кој е наменет и за граѓаните и за вработените е опремен на начин кој ќе овозможи секој граѓанин да се чувствува пријатно за времетраењето на давањето или чекањето на конкретната услуга.
Во реконструкцијата во оваа фаза се реконструирани и 15-на канцеларии за вработените, санитарните чворови, инсталиран е целосно нов централен систем за ладење и греење и извршено е целосно сервирање на надворешните окови, во насока објектот да биде што повеќе енергетски ефикасен.
Тошковски на крајот подвлече дека паралелно со процесот на дигитализација во кој многу од услугите кои ги дава МВР ќе бидат достапни и дигитално, ќе се продолжи со отворање на нови канцеларии на управни служби онаму каде што тие не се достапни за граѓаните, а веќе се отворени шест нови, како и реконструкција и модернизација на други каде што е потребно.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
