
Цените повторно растат, а Владата реши да ги покачи платите само на функционерите, велат од СДСМ
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Јуни 2025

Македонија повторно се соочува со огромен раст на цените и инфлацијата, а Владата реши да ги покачи платите на функционерите. За работниците и граѓаните, повторно нема ништо. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во мај 2025 изнесува 3,3%, што е скок во споредба со април, кога беше 2,6%. Дополнително, месечната инфлација од 1,5% е највисока оваа година, велат од СДСМ.
„Ова значи едно, животот е сѐ поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати.
СДСМ повеќепати предупредуваше: цените растат и ќе продолжат да растат ако не се преземат мерките кои ги понудивме. Мицкоски се обидува да ги убеди граѓаните дека платите им растеле, но факт е дека единствено растат платите на неговите во Владата и институциите, додека народот едвај преживува“.
Оваа влада, додаваат од опозициската партија, нема економска визија, нема стратегија и нема емпатија. Оваа влада, според СДСМ, има само лични интереси и работи само за себе, и за никој друг.
СДСМ бара итна интервенција, конкретни мерки за заштита на стандардот, а не како што велат, лажни ветувања и манипулации.
„Граѓаните не може повеќе да бидат жртви на неспособноста и ароганцијата на оваа власт“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
