Стојкоски: Најодговорно изјавувам дека во Ѓорче Петров нема да се градат „хемиски фабрики“

 

Во последниот период, сведоци сме на сериозни и крајно неосновани тврдења изнесени од страна на градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, со кои се обидува да предизвика паника, несигурност и сомнеж кај јавноста околу урбанистките процеси и планови на територијата на Општина Ѓорче Петров, вели градоначалникот Александар Стојкоски, на обвинувањата од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, дека ќе се градат хемиски фабрики.

 

„Најодговорно, пред целата македонска јавност, изјавувам дека на територијата на нашата општина не постои ниту една локација на која е предвидена, ниту ќе се дозволи, изградба на објекти од тешка индустрија, а уште помалку – таканаречени „хемиски фабрики“, како што таа тенденциозно наведува. Нејзината реторика е обид за свесно извртување на фактите со цел да се наметне лажна слика и политичка конфузија. Ги повикувам сите институции, граѓани и медиуми да ја погледнат реалната слика: На локацијата за која се прават шпекулации, постои постоечки објект со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија, согласно важечкиот Генерален урбанистички план на Град Скопје, кој и самата градоначалничка има обврска да го почитува“, вели Стојкоски.

 

Тој вели дека објектот поседува сопствена пречистителна станица, под постојан надзор на Министерството за животна средина и сите релевантни државни органи. До денес, додава Стојкоски, нема ниту една еколошка забелешка или проблем, напротив, тој ги надминува и најстрогите еколошки нормативи пропишани со нашите закони.

 

„Дополнително, со новиот детален урбанистички план што го усвоивме, три и пол пати е намалена површината со намена за индустрија, во споредба со претходниот план. Тоа е податок што граѓаните мора да го знаат, бидејќи вистината е дека токму нашите одлуки одат во насока на заштита на животната средина и балансиран урбан развој. Очигледна е немоќта и неуспехот во работата на градската власт, што резултира со оваа низа на напади, манипулации и неосновани обвинувања. Од поставување над министерства и инспекторати, сега гледаме обид за наметнување и над одлуките на Уставниот суд, кој веќе донесе јасна одлука дека општина Ѓорче Петров не донела ниту еден противзаконски акт – иницијативата на г-ѓа Арсовска беше целосно отфрлена. Јавноста заслужува одговорно водење, а не евтин политички театар. Ѓорче Петров ќе продолжи да се развива транспарентно, без притисоци, со посветеност на граѓаните и во рамки на законот“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.