All for Joomla All for Webmasters

Нон-пејпер: Суштинската основа на договорот за решавање на спорот со Грција

Решавање на спорот со Грција

Достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на македонскиот народ се заштитени со договорот постигнат меѓу Република Македонија и Грција, јави МИА повикувајќи се на владин нон-пејпер во кој имаше увид. Со договорот, македонскиот јазик е утврден, идентитетот е зачуван.

 

Имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, се нагласува во документот.  

 

Со договорот, официјалното име за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија или скратено – Северна Македонија.

 

Во однос на јазикот, предвидено е – македонски јазик, и во ОН останува да пишува – Македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

 

Во врска со државјанството односно националноста, во договорот е утврдено – Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

 

Основата на договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „Македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и Македонски, се вели во документот.

 

Со членот 7 од договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и Македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата.

 

Во договорот е утврдено дека Македонија и Македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.

 

Химната, грбот и знамето не се менуваат.


 
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

 

Државните институции ќе го следат принципот на договорот – новото утврдено има на државата. Сите други органзиации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како – Македонски и да ја користат придавката македонски.

 

Споменикот Воин на коњ ќе се преименува во Александар Македонски. Нема уривање на споменикот Александар Велики бидејќи останува како симбол на пријателството меѓу двете држави – Македонија и Грција.

 

Во нон пејперот се нагласува дека „нема да се срамиме спомениците да ги нарекуваме со нивното вистинко име – Александар Македонски е Александар и дел од светското наследство“.

 

Остануваат кодовите МК-МКД додека регистерските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на Договорот.


Во нон-пејперот се наведени придобивки од процесот на преговори со  Грција и од постигнувањето на билатералниот договор меѓу кои добивањето втора  фаза на процесот на Стабилизација и асоцијација за членство во ЕУ. Договорот значи и отворање преговори со ЕУ. 


- Доколку не го надминевме спорот со Грција, вратата за членство во ЕУ ќе останеше затворена. Во иднина нема да има повеќе оспорување на нашето име, на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани...Добивме достоинствено решение. 


Во тој дел од нон-пејперот се нагласува дека македонско име е географски прецизно. Факт е дека нашата држава е во северниот дел од регионот Македонија што се протега во повеќе држави (Бугарија, Грција и мал дел во Албанија)., се додава во владиниот нон-пејпер. 


- Граѓаните ќе го имаат последниот збор за договорот на референдум. Доколку граѓаните не го прифатат договорот на референдум или доколку Грција не го ратификува договорот, тогаш не важи ниту една одредба во договорот. Нема да се прави никаква промена во името на државата или во Уставот. Но доколку договорот не се спроведе во целост, од наша или од грчка страна, тогаш тоа значи дека немаме можност за членство во ЕУ или НАТО. Ако немаме договор со Грција, не можеме да станеме членка на ЕУ и на НАТО, се нагласува во нон-пејперот. 


Во него се додава дека „од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, се претвораме во позитивен пример/модел што другите сакаат да го следат....Ја зајакнуваме соработката. Ова е нов Балкан достоен за 21 век“. 


Добиваме нов пријател, кој до вчера ни беше најголем непријател. Градиме пријателство со Грција.... Ги затворивме сите отворени прашања. Немаме други спорови со соседите или со други држави.


Започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, ќе го зајакне процесот на домашни реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи. Државата ќе зајакне. Институциите ќе бидат посилни, се нагласува во нон-пејперот.


Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.