Реформа во системот за социјална заштита - се воведува семеен социјален работник

Мајка на три деца, која била злоупотребувана од својот партнер, за да побара помош требала прво да отиде во полиција, потоа да обезбеди заштита во шелтер центар, да најде начин како да ги згрижи децата и во истовреме да најде и приход, кој ќе и овозможи да излезе од ситуацијата.

Во тој процес таа била принудена да посети неколку институции и пред надлежните да ја повторува истата приказна, што е дополнително трауматизирање за неа. Поради ранливата состојба во која се наоѓала, таа на моменти не знаела и каде треба да се обрати.

Ова е еден од многуте случаи во земјава, а кој бил забележан од професорките по социјална работа од Универзитетот Колумбија од САД, Јамиле Марти и Нашура Акилова, кои од мај во земјата вршат оценка на работата на системот на социјална заштита. Мониторингот го спровеле во насока на воведување на системот за интегрирано водење предмет во системот за социјална заштита.

Оваа реформа, која е дел од пошироките реформи на социјалната сфера, превидува воведување интегрирано водење предмет меѓу центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, со оглед на тоа што економскиот ризик и живеењето во сиромаштија е еден од главните проблеми на кои треба да се насочуваат социјалните работници при обидите едно лице или семејство да се извлече од ситуација на социјален ризик.

Од 1 јануари 2019 година во сила ќе стапи новиот законот за социјална заштита, а од тогаш е планирано и да почне да се воведува оваа реформа, за која секако, како што вели, Санела Шкријељ, шеф на кабинетот на министерот за труд и социјална политика ќе треба време да заживее.

- Значи еден социјален работник, ќе биде водач на еден предмет и ќе ги координира сите услуги кои ќе му се обезбедуваат на клиентот. Тоа е суштинската промена, затоа што во моментов во Македонија ваквите услуги постојат, но разликата е што сега личноста можеби не знае каде треба да се обрати, а ако има еден водач на случајот се намалува времето, кое клиентот треба да го помине за да добие услуги, вели Акилова.

Поврзувањето на центрите и агенцијата е клучно во процесот за социјална заштита, бидејќи од суштинско значење е излегување на тие семејства од сиромаштија и нивно излегување на пазарот на труд.

Планирано е воведување на нов софтвер, со кој ќе се опфатат материјалните давања, но и сите социјални и услуги на локално и централно ниво и на водачите на случајот ќе им овозможи увид за сите аспекти на социјален ризик. 

Веќе се обучени обучувачи, кои ќе ги пренесат своите знаења до сите вработени во центрите и на една третина од вработените во Агенцијата, а предвидена е и нова систематизација со цел да се отвори пат за воведување на овој принцип на работа на социјалниот работник. 

Шкријељ вели дека има недостиг од човечки ресурси, одобрени се нови 158 вработувања, а ќе се прави и рационализија на веќе вработените. Од околу 700 социјални работници, 500 биле без соодветни образование. 

- Воведувањето на принципот на интегрирано управување со случаи е една од клучните алки во реформата за социјална затштита, која МТСП ја спроведува во партнерство со УНИЦЕФ и УНДП. Тоа значи воведување на принцип на семеен социјален работник односно еден стручен работник, кој ќе го следи семејството или индивидуата во ризик и ќе овозможи навремено превенирање на сите дополнителни ризици во кои би се нашло семејството, вели Шкријељ.

Марти додаде дека идеалното водењето предмети ќе биде алатка за центрите и агенцијата, со која тие ќе ја насочуваат работата со секој поединец или семејство, со цел да не се загубат во системот. 

- Ако дојдам во центарот како мајка, која има три деца, ако сум невработена и ми требаат услуги за школувањето на моите деца, нема да морам да одам кај тројца или четворица. Водителот на случајот темелно ќе ги процени причините за сите аспекти, поради кои лицето дошло во центарот, дури и оние причини поради кои првично не биле наведени како причина за доаѓање во центарот, појасни Марти.

Ваквиот систем, велат тие е економичен и овозможува да се идентификуват сите ризици поврзани со индивидуата или семејството. 

Александар Лазовски од УНИЦЕФ нагласи дека Македонија се соочува со значителени проблеми во социјалната сфера - една третина од децата живеат во сиромаштија, насилството се уште застапено, а овој нов концепт во социјалната работа може да даде значителен исчекор напред во справување со социјалните проблеми.

- Воведувањето на системот на водење предмети може да ни помогне да ги избегнеме случаите, кога лица ни се губат во системот на социјална заштита. Некои лица по долги години контакт со системот се загубиле и се уште се во социјален ризик, додава тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.