Заев се сретна со претставници на ФДМ: Поддршка од заедницата на иселеници за референдумот

Премиерот Зоран Заев во рамки на посетата на САД денеска се сретна со претставници на Форумот за демократска Македонија (ФДМ) - заедница на иселеници од Македонија и нивни потомци од целиот свет.

 

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е изразена поддршка од заедницата на нашите иселеници за референдумот и за патот кон ЕУ и НАТО.

 

Премиерот Заев се заблагодарил на заложбите и активностите на претставниците на ФДМ во промовирање на државата и нејзиното културно наследство низ светот, како и за афирмацијата на стратешките интереси на Република Македонија.

 

Зборувајќи за референдумот кој ќе се одржи на 30 септември, премиерот Заев ги повикал сите граѓани од Македонија кои живеат во странство, да ги поддржат напорите и процесите кои водат кон подобрување на демократијата, како и кон унапредување на економијата и животниот стандард на сите граѓани во нашата земја.

 

- Претставниците на ФДМ од Вашингтон и Њујорк го потврдија нивниот став дека референдумот на 30 септември е единствениот пат кон полноправно членство на земјата во НАТО и Европската Унија. Дополнително, тие порачаа дека секој треба да учествува во демократските процеси за развој на Република Македонија и повикаа Владата да продолжи со инклузивен пристап во градењето политики и носењето одлуки за доброто на сите граѓани во земјата, се вели во соопштението.

 

Македонскиот премиер, претходно во Вашинготн се сретна со потпретседателот Мајк Пенс.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.