Отворен одделот за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија

Комплетно е реновиран одделот за интензивна нега на Клиниката за неврохирургија, со што е зголемен капацитетот за околу 30 отсто. 

 

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека одделот каде што се лекуваат најтешките пациенти од цела Македонија, добил целосно нова опрема, посочувајќи дека е реновирана инфраструктурата, воведен е централен мониторинг на виталните параметри кај пациентите и поставена е централна климатизација.

 

- Тоа се работи кои сериозно го зголемуваат квалитетот на здравствената услуга, а со тоа и исходот од самото лекување, наведе Филипче.

 

Тој најави два новитета во Клиниката кои ќе бидат воведени следната година. 

 

- Во оваа хируршка Клиника како и во другите хируршки Клиники во рамки на оваа зграда, со оглед на тоа што работат врвни експерти, секој во својата област, планираме да воведеме уште две нови методи во следната година, а тоа е прво хибридна сала која ќе има мобилен-подвижен ангиограф, нешто што го нема во земјите во регионот и роботот „Да Винчи“, за почеток на роботската хирургија, информираше министерот за здравство. 

 

Директорот на Клиниката за неврохирургија, Владимир Рендевски посочи дека реновираната и реконструирана интензивна нега на неврохирургија претставува втора по големина интензивна нега во Македонија, истакнувајќи дека на годишно ниво згрижува по околу 700 лежечки пациенти. 

 

- Извршено е просторно проширување за околку 30 квадратни метри и комплетно архитектонско преуредување на одделот на медицинскиот персонал и опсервација на пациентите, како и останатите простории, изјави Рендевски.

 

Тој додаде дека со тоа лежечкиот капацитет на Клиниката, што е направен според сите европски стандарди, е зголемен за околу 30 проценти. 

 

- Има четири нови респираторни машини, а старите се целосно сервисирани, наведе директорот на Клиниката.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.