Над 815 милиони луѓе во светот се гладни, Македонија фрла 12.000 тони храна годишно

Не фрлајте храна, ако имате остатоци замрзнете ги или искористете ги при приготвување некое друго јадење, произведувајте повеќе со помалку и независно што работите или сте едноставно некој што сака да направи промена, заложете се против гладот.

 

Ова се само некои од пораките на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, која наметна сериозна агенда: до 2030 година да се стави крај на гладот во светот, да се елиминираат сите форми на неисхранетост и да се создадат одржливи системи за храна.

 

Според ФАО, годишно се губи или се фрла околу една третина од храната произведена на глобално ниво. 

 

До 2050 година се очекува населението во светски рамки да достигне девет милијарди, а за да се нахрани, земјоделското производство мора да се зголеми за околу 60 проценти. 

 

- Земјоделците треба да најдат нов, попродуктивен начин за произведување храна и да ги диверзифицираат своите култури, а користењето интегриран пристап, не само што ќе им помогне да ја зголемат продукцијата и да остварат поголем профит, туку ќе го подобри и квалитетот на нивните површини, смета ФАО. 

 

Според најновиот извештај на Организацијата, по период на опаѓање, гладот во светот е повторно во пораст. Денес, над 815 милиони луѓе страдаат од хронична неисхранетост или едно од девет лица. Притоа, 60 отсто од нив се жени. Конфликтот, екстремните временски настани поврзани со климатските промени и забавениот економски напредок ја отежнуваат борбата против гладот. 

 

Како што вели и генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва, во интервјуто по повод Светскиот ден на храната лани најмалку 1,5 милијарда луѓе страдале од дефицит на микронутриенти што го поткопуваат нивното здравје и живот, додека 2,6 милијарди биле со прекумерна тежина, што е 30 проценти од светското население.

 

Гладот, според Да Силва, е главно ограничен на области погодени од конфликти, суши и екстремна сиромаштија. 

 

Гладот убива повеќе луѓе на годишно ниво отколку маларијата, туберкулозата и сидата заедно. Околу 45 отсто од смртните случаи кај новороденчињата се поврзани со неисхранетост.

 

Гладувањето и натаму е секојдневие за 155 милиони деца на возраст под пет години, што го зголемува ризикот од болести, предвремена смрт и забавен ментален развој. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.